Претседателот на Собранието Талат Џафери, од свое лично име и од името на пратениците на Собранието на Република Северна Македонија на припадници на турската заедница им го честита 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик.
– Драго ми е што овој празник со кој институционално и како граѓани на Република Северна Македонија изразуваме почит кон културата, идентитетот и посебноста на турската заедница, која е неделив дел од општественото ткиво на Република Северна Македонија, го чествуваме со посебен акцент на образованието, творењето и негувањето на турскиот јазик кои се најдобра храна за душата и умот на еден народ. А во земја во која живеат припадници на повеќе различни етнички заедници, суштинско е овозможувањето на творење, функционирање и употребување на мајчиниот јазик на секоја заедница, за да се воспостават односи на искрена почит, доверба и лојалност кон државата, меѓутоа и да се придонесе кон подобро запознавање на различностите кои не прават уникатни, се вели во честитката од Џафери.
Несомнено, стои во честитката, дека турскиот јазик, култура и обичаи се толку одомаќени и се дел од сите култури, обичаи и јазици кои постојат и се активни во нашата земја, што не ги ни чувствуваме како далечни и непознати, туку само ја збогатуваат сликата.
– Уште еднаш, дозволете да Ви упатам искрени честитки и да Ви посакам светлината на образованието секогаш да ви го осветлува патот и мислата, се вели во честитката од Џафери по повод 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик.
Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 21 декември – Денот на наставата на турски јазик, упати честитка до припадниците на турската заедница во Република Северна Македонија.
-Дозволете ми, во мое лично име и во името на граѓаните на Република Северна Македонија, на сите припадници на турската етничка заедница да Ви го честитам 21 декември – Денот на наставата на турски јазик. Јазикот е душата на еден народ и негово суштинско, идентитетско обележје. Можноста да се зборува, да се добие образование и да се твори на својот мајчин јазик е право на сите етнички заедници во Република Северна Македонија. Нашата земја претставува сплет на религии, култури и етникуми. Живеејќи заедно и празнувајќи го овој ден, упатуваме моќна порака дека одбележувањето и почитувањето на разликите нè сплотува, нè обединува и ги зацврстува и надградува меѓучовечките односи, се вели во честитката на претседателот Пендаровски.
Претседателот порачува дека сплотени можеме да ги надминеме сите искушенија со коишто се соочуваме.
-Нашата цел како држава и понатаму ќе биде градење подобар и поквалитетен живот и подобро општество за сите. Нека е честит 21 декември – Денот на наставата на турски јазик, се вели во честитката од претседателот на државата упатена кон трурската заедница.