Граѓаните на Република Северна Македонија под мотото „120 години Илинден – Огниште на татковината“ го празнуваат големиот национален празник 2ри Август – Илинден.
По повод големиот државен празник 2ри Август, Денот на Републиката – Илинден претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска во Скопје положи свежо цвеќе пред Споменикот на Слободата -„Сила, слава и победа” на Тврдината Кале.
Премиерот Ковачевски, ја предводи владината делегација во чиј состав се првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори Фатмир Битиќи, министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Во рамки на свеченото одбележување во Скопје, премиерот Ковачевски ќе има свое обраќање пред присутните претставници на Владата, институции, дипломатскиот кор, медиумите, по што предвидена е празнична културно-уметничка програма.
Претседателот Стево Пендаровски денеска во манастирот „Св. Прохор Пчињски“ ќе оствари билатерална средба со шефот на српската држава Александар Вучиќ.
Пендаровски ќе положи цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ во манастирот Прохор Пчински, во 12 часот, а ќе биде пречекан од претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и ќе остварат билатерална средба, по што се предвидени изјави за медиумите.
Претходно, Пендаровски по повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, на 2 август 2023 година, ќе се обрати пред Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце.
Во чест на Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Народното ослободување на Македонија – АСНОМ, пред споменикот на АСНОМ, ќе биде положено свежо цвеќе, по што претседателот Пендаровски, ќе се обрати и следува организирана културно-уметничка програма.
На споменикот на АСНОМ во Меморијалниот центар Пелинце, по повод националниот празник Илинден, владината делегација ја сочинуваат министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери ја предводи државната делегација на одбележувањето на државниот празник Илиден на централната прослава во Крушево.
Тој положи цвеќе на гробот на Никола Карев во Македониумот, како и на споменикот на бранителите на Крушевската Република и Споменикот на Слива „На хероите на Слива“.
Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети им го честиташе празникот Илинден на сите граѓани на државата, нагласувајќи ја важноста на заедничкото востание од 1903 година кое ги обедини граѓаните на земјата за виталните каузи за слобода, еднаквост и мир. Информира Фронтлајн.
Ахмети истакна дека заедничкото востание од 1903 година е најдобар водич за развој, и борбата против злото изолацијата и поделеноста.
– Пред 120 години, народите на нашата земја ќе се обединат околу виталната кауза, слободата и еднаквоста против напаѓачот. Тоа заедничко востание од 1903 година е најдобриот водич за нашата соработка за заедничко добро и развој, и против злото на изолација и поделеност. Денеска е и вистински момент да размислиме за тоа што заедно го постигнавме на долгиот и напорен пат, да се потсетиме на мирот што го донесе Охридскиот договор, интеграцијата во НАТО и да размислиме како заедно да ја конкретизираме мисијата за интеграција во Европската Унијата. На сите граѓани на државата им го честитаме Денот на Републиката!, стои во честитката на Ахмети.
Честитка по повод големиот државен празник Илинден – Денот на Републиката, до сите македонски граѓани упати и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, со желба за напредок на државата и просперитет на сите полиња и подобар живот за граѓаните.
-Денес го прославуваме еден од најзначајните празници на македонскиот народ, ги чествуваме македонскиот идентитет, македонската државност и мултикултурното заедништво во нашата татковина.
120 години после крушевскиот Илинден и 79 години после АСНОМ-скиот Илинден, подготвени сме со умеење и знаење да ја внесеме нашата македонска држава во Унијата која ги почитува идентитетските белези, разликите и современите вредности на модерното живеење, истакнува Маричиќ.
Илинденските идеали и денеска, како што нагласува Маричиќ, повикуваат на државност, одлучност и единство пред новите предизвици.
-Патот што го избрале илинденците е стремеж кон иднината, кој водел кон победа и успех. Сега нам ни е редот, да останеме верни на вредностите на двата Илиндени и горди и признаени да ја живееме европската иднина, истакнува Маричиќ во честитката.
Тој посочи дека денес живееме во време кога сме обврзани со нашите одлуки и здружената посветеност на нашиот народ да градиме држава по европски терк.
-Со желба и увереност за прославување на нови важни моменти од нашата интеграција, го честитам празникот Илинден, големиот македонски празник. Во духот на Илинден, посакувам нашиот народ да стане дел од Европската Унија, да доживува просперитет на полето на културата, економијата, образованието, социјалната политика и да имаме подобар заеднички живот. Нека ни е честит Илинден на сите македонски граѓани, стои во честитката на вицепремиерот Маричиќ.
М. Д.