Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција изрази разочараност од непрофесионалниот однос на директорката на скопската Клиника за кожни болести, Нина Цаца Биљановска, кај која синоќа било потврдено дека е позитивна на корона вирусот.
Биљановска била на скијање во Италија, а оттаму се вратила пред една недела, по што одела на работа во Клиниката пет дена и не ги почитувала препораките за самоизолација по враќање од ризичните региони.
Филипче најави и санкции за ваквото однесување.
Во зависност од околностите, на случајот би можеле да се однесуваат четири члена од Кривичниот законик:
- Предизвикување општа опасност (Член 288) – Тој што со пожар, поплава, експлозија, отров или отровен гас, јонизирачко зрачење, моторна сила, електрична или друга енергија или со друго општоопасно дејствие или средство ќе предизвика значителна опасност за животот или телото на луѓето или за имот од големи размери ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.
- Пренесување на заразна болест (Член 205) –(1) Тој што со кршење на прописи или наредби со кои надлежен орган определува прегледи, дезинфекција, издвојување на болни или некои други мерки за сузбивање или спречување на заразни болести кај луѓето или со вработување или држење на лице кое боледува од заразна болест со вршење на полово дејствие или на друг начин, предизвика пренесување на заразна болест, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
- Злоупотреба на службената положба и овластување (Член 353) – (1) Службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години.
- Несовесно работење во службата (Член 353-в) – (1) Службено лице или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа кое со повреда на законските прописи за судир на интересите или за совесно постапување при вршењето на дискреционо овластување, со пропуштање на должен надзор или на друг начин очигледно несовесно постапува во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.
Препораките на Министерството за здравство се задолжителна автоизолација после секое патување во ризичните региони, што директорката очигледно не ги почитувала, враќајќи се на работа и при тоа загрозувајќи го здравјето на своите колеги и пациентите на Клиниката за кожни болести.
Дополнително медиумите пишуваат дека Биљановска во саботата учествувала на симпозиум во ресторанот Рагуза во Скопје, каде учествувале околу 300 луѓе. Но, Универзитетот Гоце Делчев, кој е организатор на симпозиумот изјави дека иако била поканета, Биљановска не одговорила на поканата и не учествувала.
„Ова непочитување на препораките е навистина огромно разочарување. Секојдневните апели за самоизолација мора да се сфатат многу сериозно. Не можеме да ги затвориме границите. Ниту една земја во Европа го нема направено тоа. Практично е невозможно и затоа всушност сите препораки на експертите на СЗО се за самоизолација, како што всушност Владата препорача пред две недели. Затоа потенцирам секој кој што доаѓа од ризичен регион доколку на граница нема симптоми, и тоа е тој најризичен стадиум на болеста, во инкубација кога нема симптоми а веќе имало контакт со заболен кој што граѓанинот не може да го знае, мора да остане во автоизолација 14 дена. На тој начин го штитиме сопственото здравје и здравјето на нашите најблиски, на сите граѓани на нашата држава. Мора да имаме одговорност кон колективното здравје заради тоа што тоа е нашиот најголем приоритет. Апелирам и до вас медиумите и во исто време сакам да изразам огромна благодарност за одличната соработка за повторување и пренесување на мерките за заштита и превенција“, изјави министерот Филипче.
М. Ивановска