Со проекција на вториот дел од најновиот филм на прославениот британски документарен режисер Адам Кертис направен во соработка со BBC, Hypernormalisation, денеска се затвора филмскиот фестивал Десонанз, организиран во соработка со Dokufest – интернационалниот фестивал на документарен филм и Кинотека на Македонија (Cinematheque of Macedonia).
Hypernormalisation е еден од најгледаните и најактуелни документарни филмови на 2016, кој на извонреден начин ја раскажува приказната за тоа како светот стигнал до времето на несигурност и конфузија, вовлекувајќи не во една симплифицирана и сосема лажна верзија на светот околу нас. Но, токму затоа што оваа хиперреалност е секаде околу нас, ние ја нормализираме и прифаќаме.
„Докуфест“ е интернационален фестивал на документарен и краток филм кој се одржува секоја година во август во Косово, Призрен. Првото издание на фестивалот е одржано во 2002 година од група пријатели, а низ годините прерасна во осумдневен културен настан кој привлекува интернационални и регионални филмаџии, како и публика. Покрај филмската програма на „Докуфест“, фестивалот во својата програма вклучува голем број активности, мастеркласи и работилници.
„Десонанз“ е годишен фестивал на нова уметност и современа музика чија мисија е да открива, мапира и промовира автентични изрази на музичка култура и уметност во современото општество. Фестивалот истражува и експериментира со естетските стандарди на мултимедијалната уметност, но и границите на колективната естетика. „Десонанз“ дозволува креативните аномалии да го осветлат патот кон иднината и го канализира стравот од непознатото во љубопитна возбуда од современата уметност, култура и технологија.
Во насока на градење современи културни вредности и промоција на филмска и музичка култура, влезот за овие настани е бесплатен за сите посетители.
М. Ивановска
Фотографии: Doğan Doan