Груевски е жежок костен кој ниту една земја членка на ЕУ и НАТО доследна на владеењето на правото не би сакала да го задржи, освен земја која е веќе сериозно обвинета за непочитувањето на истите.
Прашање е дали ЕУ и/или НАТО ќе преземат соодветни политички механизми или санкции против својата членка-јатак на осудени криминалци и газачи на европските вредности? Да се потсетиме на случаите со неодобрениот азил на Брисел за каталонскиот премиер и на Виена за хрватскиот премиер. Или пак, ќе применат двоен аршин само затоа што сè уште не сме членка на ниту во ЕУ, ниту во НАТО.
Иако до сега не се огласиле, верувам дека тоа е поради две причини.
Првата е немање соодветен политички механизам во рамките на унијата и на алијансата за принудување на земја членка да го отфрли костенот, односно да го одбие барањето за азил на осудениот криминалец во бегство. Иако овој скандал им е добредојден на поддржувачите на одредени иницијативи во парламентот на ЕУ против Орбан, како доказ плус, сепак, до сега не е изнајден начин за такво нешто. Тука секако е и опасноста Груевски да пребега во Москва или во земјите на третиот свет, па со тоа да му се изгуби секаква трага и можност за испорачување пред лицето на правдата.
Втората е опасноста дека второто сценарио би довело до зголемени недоверба и скептицизам кон евро-атлантските вредности и интеграции меѓу граѓаните во Република Македонија, со недоверба кон Владата на Заев, барање за предвремени парламентарни избори и паѓање во вода на сите напори за приклучување на Македонија кон алијансата и унијата.
ЕУ и НАТО мора да одиграат мудро и балансирано, бидејќи бегството од лицето на правдата на малиот диктатор може да направи голема штета на нивен терен.
А во меѓувреме, Владата мора бескомпромисно да расчисти со вклучените помагачи на ова бегство, да се осигура дека ништо слично нема да се повтори, како и да не дозволи пребеганиот осуден криминалец да ги наруши односите меѓу двете земји, за да не му се оствари целта – блокирањето на државава во процесите на евро-атлантските интеграции.