ЦИВИЛ постојано зборува за суштинските проблеми со кои секојдневно се соочува нашето општество, апелирајќи на реформи што ќе придонесат кон членството во ЕУ. Говорот на омраза, дела од омраза, неказнивоста, лажните вести, дезинформациите го окупираат јавниот дискурс секојдневно поттикнувајќи ја организацијата уште пожестоко да навлезе во нивното разобличување.
ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи е дел од Амнести Интернешнл. Според оценката на организацијата за општествено-политичката состојба во земјата проблемите на кои посочува Амнести, не само што се загрижувачки, туку претстои долг пат во нивно решавање преку системски реформи.
Што се однесува на Годишниот извештај на Амнести за Северна Македонија, првата забелешка, фокусирајќи се на пандемијата од Ковид-19, оди на сметка на владината одлука за кратење на буџетот предвиден за граѓанските организации за 525.000 евра, што на голем дел од нив им ја отежна работата и го доведе, собено оние што работат со одредени целни групи, привремено да волонтираат.
Во однос на неказнивост, Амнести потсети дека Северна Македонија сѐ уште не ја нема ратификувала Меѓународната конвенција за на сите лица од присилно исчезнување, потпишана во февруари 2007 година. Од правен аспект потсети на затворањето на Специјалното јавно обвинителство, пресудата од 7 години затвор за Катица Јанева, како и случајот со незаконското прислушување.
Амнести забележува дека говорот на омраза и дезинформации, особено на социјалните мрежи се зголемени, лоцирајќи ја нивната сеприсутност во период пред предвремените парламентарни избори на 15 јули 2020, за време и во постизборниот период. Подетално, низ призма на ЦИВИЛ, изборниот процес беше проследен со лажни вести, дезинформации и говор на омраза. За само еден месец (20 јуни -20 јули 2020) ЦИВИЛ регистрираше стотици содржини на социјалните мрежи, a разобличи скоро толку Фејсбук страници кои ширеа и сѐ уште шират говор на омраза и дезинформации. Поради ова и самата организација, седиштето, беше таргет на вандалистички напад, а следуваа и закани, навреди, клевети и телефонски закани. Дали некој е казнет? Не. Праксата на неказниост или селективната правда во многу случаи останува како проблем, кој повикува на суштински реформи.
Во делот за дискриминација, Амнести зборува и за Ромите, во контекст на пандемијата со Ковид-19, велејќи дека наместо владина поддршка, минатата година ранливите семејства добиле привремени хуманитарни пакети од невладини организации и некои општини.
Дека проблемот е многу поголем од она што упатува Амнести во својот извештај, доволно е да се погледне дебата на ЦИВИЛ, што се одржа на 6 април по повод Меѓународниот ден на Ромите, 8 април, „На ‘балот’ за човековите права на Ромите“ за да се заклучи дека конечно треба да се стави крај на расизмот и дискриминацијата кон Ромите, но и да се види кој ја сноси одговорноста за дополнителното маргинализирање на Ромите.
Амнести се осврнува и на прашањата поврзани со лицата припадници на ЛГБТИ заедница, правата на жените, особено во текстилната индустрија, како и во делот човекови права на бегалците и мигрантите.
Б. Ј.