„Буквално во сите истражувања, анализи и извештаи, судството е на врвот на листата според впечатокот што граѓаните го имаат за неговата корумпираност. Додека едни се „судат за 100 ќебапи“, крупни корупциски и случаи на организиран криминал или не се процесираат, или постојано се одложуваат, или застаруваат. Oсомничени, обвинети и осудени едноставно отшетуваат. Истовремено, во правосудството се вработуваат и се унапредуваат внуки, сопруги и сопрузи, золви и јатрви, баџанаци, шури и сватови.
Ниеден судија досега не е процесиран.
Несакајќи, зрак на надеж на јавноста и даде една јавна обвинителка, која на судии им порача дека ќе ги „истресе“.
Држејќи ја за збор, и неа, и државата, која се залага за владеење на правото, денеска ќе и помогнеме, поставувајќи ја Јустиција, која веќе „тресе“ судија, пред зградата на Јавното обвинителство и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Не само на Обвинителството, Јустиција ќе отиде да им помогне и на Државната комисија за спречување корупција и на Министерството за правда.
Ги повикуваме сите „надлежни“, вклучувајќи ги и двете политички партии, денес да и се придружат на Јустиција во борбата со корупцијата. Ако ништо друго, барем со „пригодни изјави“.
Ги повикуваме медиумите да ги прашаат дали, и како, ќе ја прифатат борбата.
Конечно, ги повикуваме граѓаните, кои три децении чекаат државата и партиите да ги „истресат судиите“, денеска во центарот на Скопје да пронајдат една од Јустициите и, барем за миг, да си дадат одишка – и самите да ги „истресат судиите“, се вели во прилог на креативната акција на #CreativeAntiCorruption пред Државната комисија за спречување корупција и судир на интерес, Министерството за правда и пред Јавното обвинителство.