Младите се двигателот на општеството. Последниве децении се соочуваме со процес на иселување на младите и со тоа се оневозможува да ги имаме оние кои ќе придонесат за најпрогресивните промени во државата. Потребно е да се обединиме сите заедно и со заеднички пристап да ги задржиме младите и да им ја вратиме довербата во институциите.
Ова беа главните заклучоци од денешната панел дискусија на тема: „Младински политики – потреби, можности и предизвици“ организирана од заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска.
-Сите сме сведоци дека последниве две децении се соочуваме со процес на иселување на младите од државата. Тие одбираат повеќе својот животен и професионален пат да го градат надвор од својата татковина, наместо целиот свој потенцијал да го искористат во развојот на нашето општество. Јас сум сериозно загрижена за ваквите состојби, имајќи предвид дека активностите што сега ги имавме покажуваат дека тој процес нема тенденција да се намалува, рече Грковска во обраќање на дискусијата.
Таа напомена дека како Влада нема да се откажат од намерата да ги подобрат состојбите во државата до степен што поголем дел од младите ќе се одлучат да останат тука и тука да ја градат својата иднина.
-Изминатиов период имав многу средби со млади, со студенти, средношколци, со млади луѓе кои го дооформиле своето образование и кои стануваат дел од пазарот на трудот. Имав средби и со претставници на политички партии. Сите млади, независно од кој крај на државата доаѓаат или од која етничка или религиозна припадност се, се соочуваат со истите предизвици, ги делат истите стравови и сите посакуваат просперитетна и успешна приказна, додаде Грковска.
Приоритет на Владата во моментов но и наредната година, како што потенцираше, ќе биде преку јакнење на институциите во однос на тоа да бидат професионални, ефикасни, одговорни, отчетни и транспарентни, да се врати довербата на младите.
Според директорот на Агенција за млади и спорт Наумче Мојсоски, колку повеќе им оставиме простор и ги зајакнеме позициите на младите денес, толку подобра ќе биде нивната иднина утре.
-Ние на младите гледаме како инвестиција и ресурс во модерно општество, не како проблем. Агенцијата за млади и спорт како надлежна институција за млади, посветува сериозно и постојан приоритет на младите да бидат вклучени во процес на донесување на одлуки, но и во секоја линија активно да учествуваат, не само во креирање на политики кои произлегуваат во рамки на Агенцијата, туку да бидат слободни во тоа што го прават, рече Мојсоски на панел дискусијата.
Тој информираше дека Агенцијата за млади и спорт во партнерство со Програмата за развој на Обединети нации, на Мисијата на ОБСЕ во Скопје работат на креирање на нова Стратегија за млади, преку која ќе се дефинириаат приоритетите на младите.
Очекува до крајот на годината да биде готова првичната верзија на Стратегијата со Акциски план за 2023 година.
Изминатиов период, преку низа мерки, политики и активности кои ги реализиравме заедно со други институции докажавме дека знаеме да бидеме партнери на младите. Само преку активна работа и искрена двонасочна комуниакција можеме да ја згоемиме довербата на младите во институциите, рече Мојсоски.
Постојаниот претставник на УНДП за Република Северна Македонија Армен Григорјан на панел дискусијата рече дека Националната стратегија за млади е инвестиција за иднината на младите.
-УНДП глобално, во регионот но и во Северна Македонија ќе продолжи да дава поддршка на младинските организации, бидејќи е потребно да се охрабрат младите да го изберат најдоброто за својата иднина и да станат поинклузивни во општеството, додаде Григорјан.