Третиот марш за права на жените и борбата за родова еднаквост, под слоганот „Дали е среќен 8-ми Март?“, ќе се одржи утре од 12 часот, со почеток од Жена Парк, преку плоштад „Македонија“, Камениот мост и ќе заврши на плоштадот „Филип Втори“.
„Оваа година маршираме со цел да покажеме дека трпението ни е на црвено и повеќе нема да толерираме празна реторика! Не прифаќаме декларативно залагање за родова еднаквост, ниту закони и стратегии за кои не се издвојуваат финансиски средства и кои не водат кон остварување на реални промени во животите на жените. Она што го бараме е:
Да се донесат што поскоро и без дополнително одлагање Законот за прекинување на бременоста, Законот за спречување и заштита до дискриминација и Законот за социјална заштита. Овие закони ќе ја подобрат состојбата на жената воопшто во нашата земја и ќе придонесат кон намалување на родовата дискриминација.
Владата треба да се обврзе на одвојување буџетски средства за унапредување на правата на жените, со вистински активност а не декларативни изјави“, велат од Платформата за родова еднаквост.
Потсетуваат дека не треба се заборават жртвите на родово базирано и семејно насилство, да има ефикасна и навремена заштита и сервиси кои државата треба да ги пружи.
Маршот е во организација на Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права.
Ангела Петровска