Кривичниот суд најави дека решението за издржување на затворска казна на пратеникот Никола Груевски ќе му го дадат задутре, на судењето за „Титаник“, и веројатно ќе добие уште еден или два дена пред да замине во затворот во Шутка.
Денешното рочиште за „Титаник“ е одложено за во среда, кога судскиот доставувач ќе може да го најде Груевски во судот, но, Судот не мора да чека да се појави на судење, па оттаму велат дека утре повторно ќе се обидат да го пронајдат Груевски.
Доколку судот утврди дека Груевски избегнува да го прими решението, ќе мора да се побара присилно приведување или да се распише потерница.
Во „Титаник“ се обвинети Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
За тој судски процес тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување на изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
Никола Груевски е осуден на две години затвор за случајот „Тенк“ на СЈО, и се однесува на набавката на мерцедесот.
А. П.