пишува: ВЛАТКО СЕКУЛОСКИ
Вчера вечер на сајтот на Дојче Веле на македонски јазик прочитав статија со наслов „Смртта на докторот-свиркач ја крена на нозе кинеската јавност“. Кога зборуваме за свиркачи обично помислувам на Ѓорѓи Лазаревски, Едвард Сноуден и слично, но овојпат помислив – како може лекар да биде свиркач? Ако веќе може – дали таква јавност и таков систем заслужува херои? Сепак кога зборуваме за „заслужува“ мора да направиме дистинкција меѓу луѓето и политичкиот систем во кој живеат..
Специјалистот, офталмолог доктор Ли Венлианг неодамна починал на 34 годишна возраст во болницата во Вухан, градот од кој избувна пандемијата на корона-вирусот. Светот со корона-вирусот се запозна во последните две неделни, но проблемот почнал многу порано. Како што е ред во еден автократски систем, со казна за тој што прв кажал, односно во декември полицијата казнила осум лекари, меѓу кои и Ли, поради тоа што за болеста предупредувале преку социјалните мрежи. Ли бил уапесн и принуден да потпише изјава дека „признава дека предизвикал нарушување на социјалниот мир“ и да го повлече тврдењето дека постои закана од вирусот.
Тажно е што како јавност некогаш не „изџвакавме“ што е погрешно во едно општество кое произведува политички затвореници без разлика дали зборуваме за Голи Оток или случајот Кежаровски – тоа општество е скарано со потрагата по вистината. Во општество во кое има голем број на граѓани што дури и ги глорифицираат примерите на политички затвореници, малку е тешко да се објасни што е толку труло во кинескиот политички систем кој казнува лекари за предупредување на општа опасност, но сепак да продолжиме.
Како што наведува Дојче Веле, а јас верувам дека е сериозен медиум, по смртта на лекарот, кинеската верзија на Facebook, Weibo е преплавена со објави на луѓе коишто му испраќаат последен поздрав на лекарот. Најголем дел од тие критички коментари се избришани од владините цензори. Тоа е пракса и кај профилите на одредени политичари кај нас, а е детаљ, да речеме периферен дел на слободата на изразување, којшто мал дел од критичката јавност го забележува. Сите кои веруваат дека едно општество не може да напредува без слободата на изразување би ги охрабрил на еден мал експеримент. Ископајте навредлив коментар објавен кај некој политичар во коментарите на политичар од спротивниот табор и почекајте кратко за дали ќе има различен епилог.
За крај, да се вратиме од каде што почнавме. Кога зборуваме за херои, вистински херои како доктор Ли кои ја жртвувале својата слобода за да заштитат туѓи животи. Систем, обично се нарекува автократски, кој таквите луѓе ги казнува тешко дека ќе стимулира други да истапат во заштита на јавното добро, политички систем во кој вистината е непожелна, не заслужува херои. Луѓето се друга приказна, сите оние храбри Кинези кои јавно истапиле со поддршка или сега веќе сочувство со доктор Ли тие се тие кои заслужуваат херои.
Сите права се задржани. Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста.