Од тимовите на долгорочниот изборен мониторинг на ЦИВИЛ пристигна информација со фотографија за која укажува на можна злоупотреба на јавни ресурси (службено возило) за потребите на политичка кампања на ДУИ. Извештајот од теренот сведочи дека Талат Џафери, носител на листата на ДУИ во Изборната единица 5, на 22 јуни, во Ростуше се појавил со службен автомобил на државен орган.
Талат Џафери, во улога на носител на листа, беше дел од партиски настан што се чини дека претставува случај на предвремено започната изборна кампања. Истовремено, од тоа што го дознава мониторингот на ЦИВИЛ од теренот, се чини дека се работи и за случај на злоупотреба на службено возило за партиски цели во изборна кампања што е кршење на Изборниот законик.
Согласно член 8-б од Изборниот законик, за потребите на изборната кампања, забрането е користење на канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи, освен лицата на кои се однесуваат посебните прописи за заштита на лицата.
ЦИВИЛ најави дека ќе побара дополнителни информации и објаснувања од раководството на ДУИ и од релевантните институции во врска со овој случај.
Мониторинг тим на ЦИВИЛ