Не се преговара со луѓе што уценуваат и навредуваат и кои тоа го прават зашто вистината не е на нивна страна. Нема да се подлегне на закани и уцени, изјави вчера градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, алудирајќи меѓу другите и на Ленин Јовановски, директорот на приватната компанијата „Слобода превоз“, пред најавената голема блокада на сообраќајот од приватните превозници, пренесува 24инфо.
Невидениот сообраќен хаос во кој се најде Скопје поради блокадите на приватниците, но и раскопаните сообраќајници, може да се претвори во вистински дебакл на Арсовска, ако до петок не се најде решение и договор со „Слобода превоз“ и „Макеспрес“.
Ако сообраќајниот хаос предизвикан изминативе денови беше голем, најавената блокада може буквално да го парализира целиот град, а со тоа да се загрози нормалното работење и на инстутуциите за што цената ќе ја плаќаат сите.
Арсовска во вчерашното интервју нагласи дека не мисли да дава оставка, иако се се побројни таквите барања од повеќе страни.
-Ако советниците одлучат дека не треба да поддржат функционален буџет за граѓани, за реализација на проектите и за модерно Скопје, тогаш, по автоматизам, нивниот мандат престанува и ќе си одат на локални избори и ќе си дојдат советници кои ќе работат во интерес на граѓаните. Меѓутоа, мој личен впечаток е дека таму има искусни луѓе, и во политиката и како советници, и никој не би понел таква политичка штета по нив. Мене ми е јасно дека на двете најголеми политички партии во државата не им е мило да видат дека некој поединец се обидува да смени нешто што се случува и во градот и во државата. И тоа е нивно легитимно право, рече Арсовска.
Сепак, градоначалничката се повеќе заглавува во состојба во која очигледно губи поддршка од граѓаните. Во изминатава година од мандатот евидентно е дека не постигна ништо од најевеното, а се што направи е конфликт прво со ВМРО-ДПМНЕ, а сега со приватните првозници, односно со Јовановски како нивни лидер, а нејзин голем поддржувач пред изборите.
Резултат на тоа е „пукната тиква“ со најголемата опозициска партија, која застанувајќи зад нејзе во кампањата на еден начин истовремено се огради од неа, нагласувајќи дека не е партиски член, односно дека е надпартијска личност. Така ВМРО-ДПМНЕ може лесно да се огради од неа и нејзините постапки. Во меѓувреме, Владата преку соодветните министерства ги презеде ингеренциите и ги зема под свое проектите за реновирање на „Универзалната сала“ и изградба на подвозникот кај Лимак.
Затоа чуди упорноста на Арсовска да влезе во конфликт со сите, па и со Јовановски, кој освен поддршката во предизборитето заедно со приватните превозници ја поддржаа нејзината програмата за сообраќај. Јовановски ја пофали и одлуката за формирање на Совет за сообраќај на Град Скопје со цел делување во насока на зголемување на безбедноста за сите учесници во сообраќајот, подобрување на јавниот превоз и сообраќајната инфраструктура во Скопје. Од друга страна, Арсовска даде поддршка на приватните превозници Владата да им даде субвенции.
-Мојата желба и цел е модерно Скопје, а за тоа да стане реалност сега имаме една прекрасна жена, жена градоначалник ЖЕНА -ТИТАН , која ќе ви покаже колку и што може да се направи за Скопје, без оглед колку злобно и неправедно беше напаѓана од клети луѓе и изроди. Затоа јас секогаш ќе бидам тука да помогнам “про боно” и да направам сѐ што знам и умеам за мојот роден град Скопје, напиша Јовановски на 2 ноември лани непосредно по изборите.
Една година подоцна на профилот на Јовановски на Фејсбук може да се прочитаат други нешта.
-Велат, на лагата и се кратки нозете. Јас велам некому му е краток паметот, а долг јазикот. Ова е пракса во секој автобус на ЈСП, каде возачите од директорот на ЈСП се принудени ова незаконито продавање да го прават токму вака. И сеа маќео шу праиме ? Крадецот викал на цел глас држете го крадецот, пишува Јовановски.
Зошто е тоа така сега најдобро си знае Арсовска.