Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ) во соработка со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) организираше јавна дебата посветена на саморегулација и мерки за унапредување на професионализмот во медиумите, пренесува МИА.
Во воведното обраќање, извршната директорка на СЕММ Марина Тунева истакна дека целта на дебатата е да се направи осврт на начинот на којшто функционира медиумската саморегулација во државата, поставеноста на новинарската професија и тешкотиите пред коишто е исправена, но и положбата на новинарите и медиумските работници.
– Медиумската саморегулација претставува низа предизвици, но резултатите од нејзиното спроведување и поддршка значат квалитетно новинарство, заштита на интегритет на медиумите, квалитетни информации за граѓаните, ослободување од влијанието на центрите на моќ и заштита на слободата на изразување, додаде Тунева.
Шефот на делегацијата на Европската Унија, Дејвид Гир нагласи дека слободата на изразување е неопходна и вредна и посочи дела сепак ова основно право на слобода е во постојан ризик, не само во земјава, туку и во ЕУ и светот.
Според претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, новинарите и медиумските работници имаат заедничка одговорност да им служат на граѓаните во подобрување на политиките што се од значење за сите.
– Слободата на мислата и говорот е неприкосновено право на секој граѓанин и на секој новинар. Како гласник на граѓаните, јавниот интерес е важен именител како за новинарите, така и за сите луѓе кои учествуваат во носењето на одлуките, не само во оваа земја туку и секаде, вели Чадиковски.
Тој додаде дека е потребно веднаш да бидат решени некои работи, како на пример усвојување на законот што овозможува насилниците против новинарите да бидат гонети по службена должност. Потоа, да се усвои законот со кој законските казни против новинарите се намалуваат четирикратно. Овие закони се тесно поврзани со слободата на медиумите и независноста на новинарите и затоа е неопходно да бидат донесени што е можно побрзо.
Вториот дел од дискусијата продолжи со темата „Состојбите во редакциите, правата на новинарите и медиумската клима“. Во овој дел се обратија Драган Секуловски од ЗНМ и Дарко Дуридански од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Оваа јавна дебата се спроведува како дел од проектот „ЕУ Поддршка за подобрување на медиумската етика“ и со поддршка од програмата Цивика мобилитас.