Оливер Андонов
Овие два поими се одамна исфрлени од стручната психијатриско-медицинска употреба единствено затоа што во нивната секојдневна употреба попримиле конотација на навредливост кон оној кон кого се упатени. Нивен супститут се поимите како „блага попреченост“, „интелектуална заостанатост“ и слични. Всушност се работи за потполно иста цел на означување на лица кои имаат некакви пречки во развојот, разбирањето на реалноста, когнитивните способности и интелигенцијата за да може нормално и со полна свест да расудуваат самостојно, да раздвојат вистина од невистина, манипулација од реалност или едноставно да имаат здраворазумско и логичко расудување. Всушност, поимот „дебил“ потекнува од латинскиот debillis што значи „слаб“, „немоќен“. Современиот контекст во секојдневниот говор ни опишува некого кој постапува неразумно, глупаво, лошо расудува и се однесува неодговорно и несовесно. Еден повисок стадиум на интелектуална попреченост од дебилизмот е имбецилноста. Имбецилноста како стар медицински термин означувал среден степен на интелектуална попреченост. Надвор од медицинската терминологија, тоа значи дека имбецилот е изразито глупав и неразумен.
Болести, па и ментални, имало отсекогаш и ќе има. Што би рекол нашиот народ: „болестите се по луѓето“, па така и менталните заболувања или современо кажано, лесните и средните интелектуални попречености се дел од болестите. Проблемот настанува кога ваквото индивидуално однесување или заболување кое е глупаво, ирационално, неразумно станува карактеристика на однесувањето на една нација. Нација која како македонската е во интелектуална состојба сенешто и секого да истрпи, без разлика дали е во прашање дебил или имбецил, не знам како доведен или уште полошо „избран“ од истата таа нација на власт, и без било каква соодветна за нормално човечко суштество поединечна и национална реакција во однос на направената грешка. Реакција за самозаштита, за покажување на индивидуално и колективно несогласување со состојбите во државата, а не нивно прифаќање како нешто нормално што ќе се истрпи.
Не е нормално да се затруе цел еден град. Особено не е нормално тоа труење да дојде како резултат на несовесно работење на јавно претпријатие за стопанисување со вода. Јавно претпријатие кое го плаќаат токму граѓаните кои се заболени преку загадена вода. Колку ли треба да си имбецилен, во градскиот водоводен систем со пумпи да внесеш вода директно од Вардар? Дали воопшто некој има претстава што значи сега постапката водоводниот систем во Гостивар да се дезинфицира, исчисти од фекални и други загадувања и врати во нормала.
Воопшто не е нормално при појавата на директно загрозување на животите и здравјето на граѓаните, а преку загрозување на критична инфраструктура, системот воопшто да не реагира цели седум дена, а потоа конфузно и несигурно, под притисок на недебилната јавност, да започне со реакции. Реакции кои се дебилни, но и кои имаат за цел да ја забошотат работата преку намерно мешање на надлежностите на разни институции.
Еднаш напишав една колумна во врска со лагите на владата на Мицкоски дека е подготвен законот за критична инфраструктура како дел од обврските на вечниот ни пат за членство во ЕУ. Тогаш ви кажав дека намерно го кочеа донесувањето на истиот и одолговлекуваа, сѐ додека ЕУ не донесе нови построги регулативи, поради што донесувањето на подготвениот закон стана беспредметно. Но генијалците, сметајќи ја ЕУ за дебилна, мислеа дека повторно ќе извлечат некоја пара за да божем подготват нов закон. Кога да ти биле јанлаш. Нема пари од ЕУ, бидејќи и првиот закон намерно не го донесоа, а не пак ставија во функција. Резултатот е видлив!
Гостиварчани треба да се запрашаат: „Што правеше Центарот за Управување со Кризи (ЦУК) кога добиле информација дека за 24 часа во болница со симптоми на затруеност се појавиле над илјада луѓе“? Дали требаше да ги активира стандардните оперативни процедури за справување со епидемија на локално ниво, да ја извести владата на Мицкоски, да го повика Мицкоски од Пиво фест или од роденден – доколку смее, да активира локален (општински) кризен штаб и да ги стави во функција сите институции, да нареди испитување на водата и веќе во првите 24 часа да се знаеше причината за труењето, по што ќе се преземеа санитарни мерки за заштита на населението? Е требаше! Но како да го направи тоа, кога со институциите раководат луѓе со сомнителни интелектуални капацитети, а со јасно утврдени професионални неспособности за било што. А и не требаше, бидејќи тогаш Дафина немаше да дели шишенца со вода во градот од кој е избрана за пратеник, но во кој изгледа најмалку престојува.
Впрочем, одамна ви напишав дека доколку вие – ние, не ги гласаме тие и нема никогаш да дојдат на власт за да се топорат колку се умни и како одат на разни дипломатски, локални и светски настани, како и патем да ви делат шишиња со вода. Да не беа добри, ма одлични, полтрони на Мицкоски (претходно Заев и Ковачевски), барем 90% од нив немаше никој да ги знае во маало, а не пошироко и уште да извршуваат државни функции. Ви кажав и дека ДЗС на Стојанче – керамида, со сесрдна помош на оној министер за ништо, Димовски, нема да претрпи никакви реорганизации, а не пак суштински реформи. Единствено ново е тоа што ова во Гостивар ги изненади како и онаа во Кочани, а тие токму се подготвуваа за традиционалните летни пожари на отворено кои годинава Стојанче ќе ги гасеше со расклопувачки метли. Кога тоа друга беља, ама за таа беља не го прочитале СОП-от кој некој претходно го препишал од не знам каде.
Така, како и вообичаено си колабираше системот за превенција и за заштита и спасување и постапување при ризици и закани. Но сосема очекувано колабираше и МВР, Здравство и обвинителството. Наместо веднаш да се приведат сите одговорни лица, и да се осомничат за тешки кривични дела и веднаш да започне истрага, веројатно тие чекаа Мицкоски да даде наредба, а овој па чекаше да го процени политичкиот момент. Најпрво го пушти муабетот дека работата е измислена и политичка и дека се во прашање поединечни случаи, но кога виде дека не застанува и е сериозно, а уште и излегува надвор од негова контрола (како некогаш нешто да контролирал освен партиските полтрони), го примени познатиот модел на политичко препукување со СДС-повторно-умрено, како забава за народ. Колку да се намали штетата по рејтингот, за да дебилите и имбецилите не се сетат дека некој тоа ги дупи. Ај што ги дупи, туку и животот им го загрозува. Ај што нивниот живот им го загрозува, туку и на нивните деца. Ај што еден куп загрозувања има, може да му текне некому и да реагира – иако кај дебилите таа веројатност е еднаква на невозможност.
Како и да биде возможна кога оваа нација македонска (а тука сме сите ние без разлика на народност и религија) е во таква состојба на интелектуална попреченост што е за очекување да реагира неразумно, односно на ништо да не реагира. Секако и Мицкоски си го знае тоа, па си вели:
„Ами секое чудо за три дена, ќе ја уапсат малку директорката и уште неколкумина и додека ги пуштиме (политички) по дома ќе ја замајуваме јавноста дека нешто работиме.“
Нема прашање за други одговорни, за институтот за јавно здравје, министерство за здравство, државен санитарен инспекторат, кој требало веднаш уште првиот ден да реагира, како и одговорност на институциите на локално и државно ниво. Зошто и да има прашање – кој се затрул, немал среќа, така му било пишано, Бог да чува од бетер, малиот ѓавол бил, никој не умре, итн. Сосема нормално дебилно или дури и имбецилно расудување, онака длабоко и здраворазумски, што би се рекло, со созерцание и страв од Бога. Ова нема никаква врска со Бога иако Мицкоски му се поклонуваше на владиката Петар и бакнувајќи му рака бараше благослов, во исто време кога и се случуваше Гостивар – лицемерие. Таму си е секој со своја сметка, но за политичката злоупотреба на МПЦ-ОА во друга колумна.
Туку, сосема е нормално поедини личности во Македонија како дел од македонската нација да покажуваат здраворазумско однесување кон намерно креираните и наметнати проблеми дури и на меѓуетничка основа. Интересен предлог на колегата Нури Беџети, по уставната одбрана на ликот и делото на Тито во Тетово, плоштадот да го добие името на Владо Черноземски. Ајде сега војводи, комити, сопартијци, многу ме интересира дали ќе го прифатите предлогот и како ОК Тетово ќе побарате и Мицкоски да го прифати овој предлог. Или, Ванчо Шоферот е добар само за во песната во кафеана по две-три чаши ракија за да се докаже комитлакот „Коцка фрлаја кој на кралот ќе пука – Малерозна коцка ми падна на Владо Черноземски“! И толку, оттука натаму се игра, ама по нотите од Белград. Колку ли е тешко ова да се разбере и да се прочитаат пораките кои уште сега ни се испраќаат. Но ние како добри дебили или можеби имбецили ќе веруваме на гаранциите на Рама, или можеби на гаранциите на Николоски дека Албанија никогаш нема да влезе во ЕУ, за што исто така одамна ви напишав дека се невистинити.
Во меѓувреме, онака дебилно ќе се докажувате по ФБ дали Владо Черноземски бил Бугарин или Македонец. Каква имбецилна расправа за нешто за што постојат пишани документи и за некој кој живеел пред неполн век и настан кој се случил пред 90 години. Но да, клучно е дали бил на СКИ или на ОВ за докажување на нечија народносна припадност, посебно тоа е пресудно во 19-от и почетокот на 20-от век (само да ми каже некој од ФБ генијалците што бил по народност Љубомир Милетич?). Што би рекла познатата Мандолина од Женски оркестар: „И на мој Стево му е на ОВ ….“ Каков еклатантен пример на имбецилност и тоа на социјални мрежи, забава за дебили.
Како и да е, во овој дебилизам или имбецилност, некако не сакајќи се наѕира основната причина за тоа зошто не се движиме кон ЕУ. Токму пред носот ни е причината. Ќе се отворат архивите на УДБА, мнозина ќе плачат од вистината (како што и Милошоски плачел), мнозина ќе испливаат на виделина каков зулум му направиле на македонскиот народ и како ја уништувале македонската државност и нација, а ќе мора да се отворат и архивите на МАНУ и да прочитаме – осознаеме нешто и за војводите, но уште повеќе за врските на комунистите по Втората световна војна со Бугарија, влијанието на Србија, на сојузната УДБ-а, на ЈНА и нејзините служби. А тоа не е благопријатно за еден дебилен, а уште повеќе за еден имбецилен ум, кој ќе треба да се принуди да размислува и расудува здраворазумски. Полесно му е да си живее со тој памет, па нека го трујат со загадена вода, нека му ги палат децата по коњушници кои се нарекуваат дискотеки, нека е сиромашен, нека нема здравство, здрава храна и животна средина и сѐ така во недоглед.
Туку, кога сме кај здравството, сигурно малкумина од оние кои ќе ја прочитате оваа колумна знаете дека помеѓу Македонија и Бугарија постои потпишан билатерален договор според кој граѓаните од двете држави не можат здравствено да се осигуруваат и во двете држави истовремено. Тоа значи дека за секое лекување во другата држава корисникот на здравствена услуга плаќа приватно. Колку што ми е познато, за граѓаните на Косово оваа правило не важи во Македонија. Немам проблем со тоа, бидејќи сметам дека на секој човек треба да му се овозможи квалитетна и најдобро можна здравствена заштита, но не разбирам зошто нашата влада не склучи такви договори за заедничко, двојно или тројно здравствено осигурување со сите наши соседи. Како и да свртиш, барем за Грција, Србија и Бугарија со сигурност знам дека се понапред од нас. За нас не треба ниту да се зборува повеќе, цел еден град ни е со загадена вода, а покрај идиотизмот на локалната власт, владата онака имбецилно го решава проблемот со достава на вода за пиење, а во исто време забрането е користење на постојната вода од водоводот и за технички потреби. Ами доколку на луѓето не им се овозможи да се капат и да се исперат очигледна е опасноста од избувнување на дополнителна епидемија сега од некој друг причинител иако не се знае ниту основниот причинител – загадувач. Наместо ДЗС и ЦУК во соработка со владата да преземат активности за обезбедување барем на техничка вода, тие прават ПР со тоа колку шишиња вода доставиле. Ами не дебилизам туку имбецилност без реална перцепција за проблемите а не пак решение. Мислам дека оваа состојба во Гостивар ќе трае многу долго а како резултат на тотален хаос, неспособност и неодговорност на сите нивоа на власт, а водоводната мрежа е потполно надвор од употреба. Како на имбецили да им се објасни дека се работи за напад врз критична инфраструктура? А во таква ситуација се применуваат радикални и темелни мерки и постапки.
Во ваква ситуација во која се наоѓа државата и при имбецилна власт, да не се чудиме кога соседните држави нудат нивни државјанства на македонски граѓани. Тие многу добро знаат во каква состојба сме како општество и нација и само ја користат таа дебилна состојба за да во некое утре имаат подобри позиции. Нешто како во времето на крајот на 19-от и почетокот на 20-от век, како во 1913 година – судбина или друго е.
Кога ви велам дека Мицкоски преку закочувањето на македонските интеграции во ЕУ е најголем поборник и заштитник на бугарскиот идентитет, веројатно сум згрешил, бидејќи тој ги штити сите други идентитети освен нашиот – македонскиот.
Очигледно за нација која е дебилизирана ова е многу тешко да се разбере, а уште потешко е да се самоорганизира и да преземе мерки против уништувачот на нивните животи, не само на нацијата и идентитетот, туку и на личните животи.
Колку е забегана работата можеме да видиме низ однесувањето на две „сериозни“ суштества од кои едниот дури е регионален претставник на медиум од Србија. Тие во својата „сериозна“ емисија на „сериозното“ радио, пласираа информација за која подоцна тврдеа дека била намерна дезинформација, дека Македонија ќе потпише мировен договор со Индија 2353 години по освојувањата на Александар Македонски во Персија и Индија. Подоцна, откако се крена врева по социјалните мрежи, овие две „сериозни“ суштества објаснуваа дека намерно правеле пародија. Аналогно на оваа објаснување и нивното „оправдано“ подбивање со нацијата за IQ 80, кога ги разбрале „сериозните“ суштества за сериозно, се поставуваат неколку прашања:
- Дали овие две суштества водат сериозни радио и други медиумски програми или истите се едноставно медиумски кловнови?
- Кога овие две суштества ја зборуваат вистината (преведи кога се сериозни, ама сериозно, сериозни), односно во која „сериозна“ емисија и на што треба да им веруваат граѓаните или пак сѐ што „сериозно“ кажуваат (да не употребам друг термин) од јавниот простор е играње мајтап или заебанција со граѓаните?
- Дали радиото на кое заедно се појавуваат, а е во сопственост на едниот од „сериозните“, а финансирано – не знам од кого и како, е божем сериозен медиум или тоа е само божем?
- Дали нивната смисла за хумор нема врска со некои збиднувања во регионот пред околу 40-тина години на една скоро иста тема?
Е сега, драги мои читатели јас ќе ви ја објаснам сличноста, темата и случката. За жал на мнозина доволно сум возрасен, а и имам добро паметење, па како што го паметам Костиќ – оној со корењата јадење, паметам и други такви собитија во режија на УДБ-а.
Имено, некаде кон крајот на осумдесеттите години од минатиот 20-ти век, некаде пред распадот на Југославија, оние од Белград се обидуваа да им дадат дозирано чувство на државност на Црна Гора за да може Булатовиќ подобро да манипулира со чувствата на Црногорците во договор со Милошевиќ. Безобразлукот отиде дотаму, што при официјална посета на јапонскиот премиер на тогашната СФРЈ (јас во тоа време бев во завршните години на военото училиште и редовно следевме политика и настани, а имаше и умни луѓе кои овие валканици знаеја да ги прочитаат, но ги објаснуваа со потсмев), се организираше негова посета на Титоград (денешна Подгорица), за да се потпише мировен договор помеѓу Црна Гора и Јапонија. Едноставно, кога во 1905 година царска Русија влегла во војна со Јапонија (патем катастрофално ја изгубија Русите таа војна, како што ја губат и онаа во Украина), кралството Црна Гора како руски сојузник објавило војна на Јапонија. Тоа Јапонците толку ги потресло што повеќе од 80 години подоцна мораа да ја завршат таа објавена војна, иако Црна Гора како кралство или самостојна држава не постоеше од 1918 година. Но, замката е во нешто друго, а тоа е да се создаде слика кај народецот колку сме ние државотворни и моќни па потпишуваме договори за мир скоро еден век подоцна со Јапонија, која не заборавила дека сме биле самостојно кралство. А Јапонија е Империја – нема зафрканција.
Ете тоа „сериозните“ новинари се обидоа да го направат на македонската нација, посебно на македонскиот народ. По принципот ако помине – помине, ќе глумиме античка нација (а во антиката не постоеле нации, посебно не во денешниот политичко-социјален облик и смисол), па и една Индија тоа ќе го признае по 2300 години. А Индија е милијарда народ – не е зафрканција, ете ти ги гаранциите на Мицкоски за македонскиот идентитет и уште Индија била дел од Британската Империја, тоа значи дека Обединетото Кралство ни гарантира. Сѐ аналогија на аналогија, сериозно у пииип. Тоа е навистина мајтап со сопствениот народ и познавајќи ги „професионалните“ и лични карактеристики на „сериозните“ божем медиумски суштества (за нивната генерациска припадност кон македонскиот народ нема да коментирам – си знаат тие самите) длабоко сум убеден дека оваа емисија им е дадена како задача за да се испита пулсот на Македонецот, посебно по интензивното децениско убедување дека сме во директна линија со Аце од Пела, што несомнено само ни донесе дополнителни идентитетски проблеми и конфузија. За очекување беше реакцијата на народецот кога го шашардисуваш, но интересен е заклучокот на едното суштество кое тврди дека очигледно народот е со IQ 80, односно дебилана.
Јас имам едно друго согледување за тоа дали нацијата ни е дебилна или имбецилна. Виновник за таквата состојба на нацијата е изразено во влијанието на УДБ-а структурите кои упорно одработуваат за Белград и ни прават идентитетска конфузија, а паралелно со тоа го урнаа образовниот систем за да создаваат токму дебили кои нема да им пречат во однос на владеењето колку и тоа владеење да го спроведуваат имбецили.
Вакво нешто немаше шанса да се случи во онаа Македонија која од Југославија излезе со, во најголем процент, образована и здраворазумска нација, иако идеолошки индоктринирана. Но идеологијата може да се коригира, а создавањето некритична дебилна нација водена од имбецили, чија власт ја потпомагаат исти такви имбецили е тешко поправливо и бара коренити општествени промени. Секако, доколку сѐ уште има барем малку национален супстракт за такви промени.
Очигледно е дека тешко има таков супстракт во доволен број, во спротивно немаше да имаме вака „сериозни“ новинари со сериозни мислења во божем пародија. Немаше да мора ниту колегата Беџети да излезе со еден таков предлог. Очигледно човекот читал и ја знае историјата, не оваа поновата од 2001 која други ни ја организираа и сместија. Очигледно е и тоа дека македонските Албанци како дел од македонската нација имаат изграден политички став и ориентација. Е сега, ајде мои драги сопартијци од ОК Тетово, ние како Внатрепартиска фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ го прифаќаме предлогот на Беџети и плоштадот во Тетово да го добие името на Владо Черноземски. Може да биде со цвеќе (а во цвеќето револвер) во раката и да пишува на споменикот „Еве ти ја кралу Македонија“! Ајде драги наши сопартијци – немојте да сте дебили или пиииип. Ајде малку храброст, без разлика што мисли Мицкоски и неговото раководство, сепак се работи за Тетово, а вие како Тетовчани треба да га љубите Тетоо.
А Гостиварчани. вие колективно во Кавадарци на капење, ви отвори Мицкоски базен, да не трпите за техничка вода и да не се флаширате по дома.
Во меѓувреме, дилемата за дебилноста и имбецилноста си останува. Посебно за тоа дали сме способни да самоутврдиме колку сме „слаби“ или „немоќни“, согласно преводот од латинското толкување на поимот debillis.
Проф. д-р Оливер Андонов е професор на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје | Текстот е личен став на авторот | ЦИВИЛ МЕДИА













