Нашата еднонеделна посета на Украина заврши на ден со трагични последици од рускиот ракетен терор. Тргнавме од Плоштадот на независноста (Майдан Незалежності) во 21:30 по локално време, половина час пред предвиденото според планот на патување. Со обновените закани од балистички и крстосувачки ракети и дронови, всушност, најризичен дел од ова патување беше токму поаѓањето и излегувањето од „високоризичната зона“.
Додека последните патници брзаа да го напуштат градот, за повеќе од тримилионскиот град, ова беше почеток на уште една долга, мачна ноќ во скривниците и подземните метро станици.
Верувам дека за дел од жителите на Кијив дополнителна причина да ги сфатат сериозно предупредувањата од нивните апликации и од разгласот низ градот, беше и обраќањето на претседателот Володимир Зеленски. Тој предупреди на опасноста во претстојните 48 часа.
Претседателот и портпаролите повеќе пати во текот на денот кажаа дека „луѓето мора максимално сериозно да реагираат на сигналите за воздушна опасност, бидејќи балистичките ракети се исклучително брзи и опасни“.
Популарните локални Телеграм канали, како Кијив ИНФО, почнаа да споделуваат потресни слики од семејства кои со ќебиња, перници и преносни батерии се сместуваат по пероните на подземната железница. „Кијивчани веќе се сместуваат во метрото за да ја поминат ноќта, тоа е подобро од сè друго што можете да направите за вашиот живот“, гласеа пораките кои брзо се ширеа низ социјалните мрежи.
Зад оваа обновена претпазливост стои свежо пролеана крв. Само неколку часа претходно, рускиот агресор изврши брутален напад во Буча кај Кијив, со балистички и крстосувачки проектили преку ден, што е невообичаено, бидејќи нападите најчесто се спроведуваат ноќе. Последиците беа 10 загинати и околу 100 ранети, меѓу кои најголем дел беа цивили. Нашите украински колеги ни кажаа дека цената на руските проектили што посеаја терор во петокот претпладне е 17 до 20 милиони американски долари. Денеска е ден на жалост во Кијив.
Додека патувавме низ западниот дел на Украина кон границата и тричасовното чекање за влез во Полска, ги следевме апликациите и Телеграм каналите.
Белешка од украинско-полската граница, во 5:45 часот по украинско време… Сирените во Кијив се огласија неколку пати во текот на ноќта, но небото над Кијив остана мирно. Токму тоа е тој ефект на теророт. Подземните метро станици и скривниците и денеска се единствениот сигурен простор за илјадници луѓе.
Џабир Дерала












