• Latest

Предупредување

July 26, 2026

За ослободувањето на украинските цивилни затвореници

July 26, 2026

Дебилност или имбецилност

July 26, 2026

Вештачење од 2024: Мазутот од РКМ не загадувал, а работењето на ТЕЦ Неготино ѝ заштедило над 12 милиони евра на државата

July 25, 2026

Кијив ја мина ноќта во подземните метро станици

July 25, 2026

Напад со балистички ракети во Буча кај Кијив – 10 загинати, околу 100 повредени, агресорот потрошил 17-20 милиони долари за нападот

July 24, 2026
Волфганг Ресман, Медија дијалог, Кијив, 24 јули 2026 (фото: Џабир Дерала / ЦИВИЛ)

ВОЈНА НА ТЕРОР: Д-р Волфганг Ресман за рускиот ракетен терор во Кијив

July 24, 2026
Илустрација ВИ

ЕУ го казни Гугл со рекордни 890 милиони евра поради нарушување на конкуренцијата

July 24, 2026
Фото: Фронтлајн

Унгарија отвори истрага за заемот од една милијарда евра за Северна Македонија

July 24, 2026
Фото: Генерирано со ВИ

Вашингтон со нова царинска офанзива, ЕУ, Кина и Канада реагираат

July 24, 2026

БЕЛЕШКИ ОД УКРАИНА: Затишје што не навестува ништо добро

July 23, 2026
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home ЗДРАВСТВО

Предупредување

July 26, 2026 08:00
in ЗДРАВСТВО, ЗЕЛЕНИ, СЛОБОДНА ЗОНА, ТОП 5
Share on FacebookShare on Twitter

Лидија Зафировска
Поранешна главна водостопанска инспекторка

Гостивар не смее да биде предупредување што ќе го заборавиме – водата за пиење е прашање на национална безбедност.

Повеќе од илјада заболени граѓани со стомачни инфекции за само неколку дена и состојбата уште продолжува, не претставуваат обична здравствена статистика. Тоа е сериозен аларм дека системот за заштита на водите и јавното здравје мора да функционира беспрекорно, превентивно и професионално.

Иако Министерството за здравство соопшти дека во овој момент нема услови за прогласување епидемија, бидејќи причинителот сè уште не е официјално утврден, самиот факт дека над 1.000 лица побарале медицинска помош покажува дека државните институции мора максимално сериозно да пристапат кон утврдување на причините и кон спречување на слични случаи во иднина. Во вакви ситуации најважно е да се избегнат шпекулации.

Причината за појавата на заболувањата треба да ја утврдат исклучиво лабораториските анализи и истрагата што ја водат надлежните институции. Сепак, тоа не значи дека не треба да се постават суштинските прашања за функционирањето на системот за заштита на извориштата и водоснабдувањето.

Водоснабдувањето не смее да зависи од случајност. Извориштето Вруток претставува едно од најзначајните водни богатства во државата. Затоа законодавецот уште пред години воспоставил строги заштитни зони во кои се ограничуваат активности што можат да го загрозат квалитетот на водата.

Во мојата работа како главен водостопански инспектор, уште во 2021 година беше изготвено службено известување до повеќе државни институции во кое беа констатирани повеќе состојби што бараат понатамошно институционално постапување. Меѓу нив беа наведени потребата од регулирање на водните права, инспекциски надзори над корисниците на вода, почитување на режимот на заштитните зони, како и расчистување на состојбите околу објекти и активности во заштитеното подрачје. Во истиот документ беше нагласено дека степенот на евентуално загадување не може да се утврди без лабораториски анализи на водата, што е принцип кој важи и денес.

Зошто се важни заштитните зони?

Заштитните зони околу водоснабдителните објекти не се административна формалност. Тие постојат за да се спречат активности кои потенцијално би можеле да влијаат врз квалитетот на водата за пиење. Одлуката за заштита на изворот Вруток предвидува ограничувања за различни видови градби, стопански активности и други интервенции што можат да претставуваат ризик за водата.

Доколку овие мерки се почитуваат доследно, ризикот од несакани последици значително се намалува. Оттука, неопходна е целосна институционална анализа. Доколку се утврди незаконско постапување или кривична одговорност, тогаш мора да следуваат соодветни законски последици. Но уште поважно е да се анализира дали постојат системски слабости кои овозможуваат вакви ситуации да се случуваат.

Во овој контекст потребни се трајни решенија.

Случајот во Гостивар покажува дека државата треба да воспостави уште посилен систем на превенција, кој ќе вклучува:

  • континуиран мониторинг на квалитетот на суровата и испорачаната вода;
  • редовни инспекциски контроли во сите заштитни зони;
  • целосна дигитализација на водоснабдителната инфраструктура;
  • контрола на сите интервенции врз водоводната мрежа;
  • јасна координација меѓу Министерството за здравство, Министерството за животна средина, инспекциските служби, локалната самоуправа и јавните комунални претпријатија.

Довербата се гради со факти и конкретни мерки и резултати. Граѓаните имаат право да ја знаат вистината, како што имаат право на достап до чиста вода. Тие имаат право да знаат што точно ја предизвикало оваа состојба? Дали постои одговорност и кои мерки ќе обезбедат ваков настан никогаш повеќе да не се повтори?

Водата за пиење не е само комунална услуга. Таа претставува стратешки природен ресурс, основно човеково право и прашање на јавно здравје и национална безбедност.

Случајот во Гостивар треба да биде повод за темелни реформи во системот за управување со водите, а не уште една криза што ќе биде заборавена по завршувањето на истрагата. Само со професионално управување, доследна примена на законите и целосна транспарентност може да се врати довербата на граѓаните и да се гарантира безбедна вода за сите.

Дали институциите ги игнорираа предупредувањата?

Случајот со масовното заболување во Гостивар отвора едно многу пошироко прашање – дали во изминатите години биле навремено разгледани и институционално обработени сите укажувања што се однесувале на заштитата на извориштето Вруток?

Во службено известување од страна на Главен водостопански инспектор изготвено во септември 2021 година, по извршен вонреден инспекциски надзор, беа констатирани повеќе состојби за кои беше побарано понатамошно постапување од надлежните институции. Документот е  доставен до Јавното обвинителство, Државното правобранителство, Министерството за животна средина, Општина Гостивар и ЈП „Комуналец“.

Едно од прашањата се однесува на објектот на Ресторан „Бурими Тре“, кој е легализиран со решение на Општина Гостивар, иако се наоѓа во подрачје за кое важат посебни режими на заштита на водоснабдителниот систем. Со  допис до Јавното обвинителство и Државното правобранителство, од страна на  водостопански инспектор е наведено дека градбата  на ресторанот е врз водоснабдителен систем за водоснабдување на Општина Гостивар  кој е изграден со експропријација на земјиште и легализиран како државен имот.

Прашањето е: Како може Општина Гостивар да легализира ресторан на државен имот и тоа во водозаштитено подрачје, а јавниот обвинител да ја отфрли пријавата? Значи, каде е имплементирањето на законот? Каде е вистината? Каде е правото на здрава и питка вода!

Заштитните зони не смеат да останат само на хартија потребно е државен санитарен инспектор и државен  инспектор за животна средина да проверат дали се имплементирани мерките кои се наведени во одлуката за заштитни зони претходно донесена од Министерство за здравство и Министерство за животна средина.

Одлуката на Владата за определување на заштитните зони околу изворот Вруток пропишува строги ограничувања за активности што би можеле да влијаат врз квалитетот на водата за пиење. Во зоните на санитарна заштита се ограничуваат или забрануваат одредени видови градби и дејности со цел да се намали ризикот од загадување.

Затоа денес, по настанот во Гостивар со повеќе од илјада заболени граѓани, јавноста оправдано очекува институциите да дадат одговор на неколку клучни прашања:

  1. Дали сите одредби од Одлуката за заштитните зони биле доследно применувани?
  2. Дали биле реализирани сите инспекциски мерки предложени во претходните години?
  3. Дали биле отстранети сите констатирани неправилности?
  4. Дали бил воспоставен континуиран мониторинг на ризиците околу водоснабдителниот систем?

Одговорите на овие прашања не треба да се бараат заради утврдување политичка одговорност, туку заради спречување на идни ризици за јавното здравје, но и утврдување на кривична одговорност која несомнено е поврзана со злоупотреба на службена должност и овластување, несовесно вршење на службена должност и секако корупција.

Време е за независна стручна ревизија, време е јавно да се зборува за криминалот со користење на водните ресурси Време е.

Без оглед на исходот од тековната истрага, случајот покажува дека е потребна независна стручна ревизија на целокупниот систем за заштита на изворот Вруток како исклучителен национален и државен интерес. Таа би требало да опфати:

  • почитување на режимот на заштитните зони;
  • законитоста на досега извршените интервенции и легализациите во заштитеното подрачје;
  • состојбата на главниот водоснабдителен цевковод (тоа наметнува прашање за слаб притисок при водоснабдувањето со вода за пиење на граѓаните на Гостивар);
  • влијанието на стопанските активности врз водните ресурси;
  • функционирањето на инспекцискиот надзор и меѓуинституционалната координација.

Само целосно транспарентна и стручно заснована анализа може да утврди дали претходните предупредувања биле соодветно разгледани и дали постојат системски слабости што треба да се отстранат.

Времето за понатамошни предупредувања е одамна изминато, сега ги чувствуваме последиците кои се уште не предупредуваат на можни катастрофални последици врз здравјето и животот на сите нас.

 


Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА | Creative Commons 4.0 | Преземање со атрибуција и линк.


Неопходна е вашата поддршка за ЦИВИЛ.

Поддржете ги независните медиумски платформи на ЦИВИЛ во борбата против дезинформациите, национализмот, хибридните закани и авторитаризмот

Дајте го својот придонес СЕГА.

ShareTweetSend
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ