Со повеќе настани денеска во земјава се одбележува Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, кои се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Поради нивните заслуги за христијанството Светата црква ги прогласила за рамни на апостолите.
Во согласност со Законот за празниците во земјава, 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј е државен празник и неработен ден за сите граѓани.
Во пресрет на Денот на 24 Мај, владина делегација предводена од министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, вчера положи цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј, на платото пред Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Со низа манифестации и настани, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, се одбележува во Охрид. Чествувањата ќе бидат заокружени вечер во црквата „Св. Софија“ со концертот „Уметниците во чест на Свети Кирил и Методиј“ на растечката генерација музичари од класата на м-р Даниел Чуркоски, Елица Рашкова и Викторија Митеска Малезан. Предвидена е и беседа за свети Кирил и Методиј на проф. д-р Красимира Илиевска. Во „Св. Софија“ ќе биде прикажан документарниот филм „Кирилицата – Кодот на Македонија“ од проф. д-р Илија Велев.
Државно-црковната делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова престојува во Рим и во Ватикан каде што ќе се поклони на гробот на Свети Кирил, во рамки на манифестацијата „Ден на светите Кирил и Методиј“, а имаше и аудиенција кај папата Франциск, јави МИА.