ВЕСТ НА ДЕНОТ
Заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, денеска ја продолжува посетата на државава со средби со премиерот Димитар Ковачевски и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. По средбата Ковачевски и Ескобар одржаа заедничка прес-конференција во Владата.
Ескобар, посочи дека на средбата со премиерот Ковачевски разговарале за повеќе работи, меѓу кои за проширувањето на Европската Унија, регионалната стабилност и европската безбедност. Ковачевски на пресот изрази благодарност за придонесот на САД во сите процеси, како и за личните заложби на Ескобар, како во однос на развојот на Северна Македонија, така и во неговите лични заложби за унапредување на регионалната стабилност на Западен Балкан.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, после средбата со Ескобар, во американската амбасада, избегал да даде изјава за медиумите. Како што информираат од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски го потврдил ставот во врска со уставните измени и дека предвремени избори се решение, и истакнал дека „власта во Македонија за многу внатрешни политички прашања погрешно ја информира меѓународната заедница вклучително и САД“. На средбата присуствувале и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски и амбасадорката Ангела Агелер.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Северна Македонија се покажа како вистински пријател и сојузник на САД. Како резултат на тоа и видот на партнерството што го имаме во Европа, сакаме да ве видиме и во ЕУ. Ние сме најентузијастични поддржувачи на тоа, вие кои веќе сте дел од трансатлантската заедница, да бидете формални членови на секој дел од таа заедница, а тоа ја вклучува и Европската Унија. Значи и требате на Европа и Америка има потреба од вас во Европа. Се надевам дека, како Ваш најблизок стратешки партнер и близок пријател, некој што директно имал корист од тоа партнерство, дека и Вие ќе имате корист од нашето партнерство, како што треба да направите тешки одлуки за посветла иднина“, изјави Габриел Ескобар,заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, на денешната прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски во Влада.
ВОЈНА ПРОТИВ УКРАИНА
Користејќи ја снимката од несреќата што се појави на интернет, воениот аналитичар и поранешен пилот на Обединетото Кралство, Шон Бел укажува на четири клучни работи кои навестуваат за тоа што веројатно се случило со приватниот авион што се урна во средата вечерта во кој како патник беше наведен Пригожин.
*
„Војната во Украина е и војна на вредностите. Или поточно, руска војна против европските и демократските вредности. Но, и наша битка против ужасот, конфликтот, режимот и автократијата“ рече поранешниот премиер Зоран Заев на Корчуланската школа за тинк-тенк организации.
*
Словенија се приклучи на Декларацијата на Групата седум (Г7) за безбедносни гаранции за Украина, објави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски на Х.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ОБРАЗОВАНИЕ Учебници за учениците ќе има. За време на летниот период годинава Министерството за образование и наука успеа сите одобрени учебници да ги испечати и до 1 септември тие ќе бидат испорачани до училиштата и на располагање на учениците. Еден мал дел учебници, кои не се испечатени, всушност сé уште се во постапка, односно за нивно одобрување одлучува Националната комисија за учебници, по што и тие ќе бидат испечатени и испорачани, соопшти Министерството за образование и наука.
ЗДРАВСТВО Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска ја посети поликлиниката Јане Сандански во Скопје, каде разговараше со дел од матичните лекари и пациенти во врска со предностите од новата реформска мерка во Примарната здравствена заштита (ПЗЗ).
СОЦИЈАЛА Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, во однос на линеарното зголемување на пензиите, согласно барањата на пензионерите кои во изминатите денови имаа протести ширум земјава, изјави дека „не може да се изедначат луѓето кои работеле 45 години, и луѓе кои работеле 15 години“.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Не мора човек да се труди да прави сатира од националистичките, антидемократски и антизападни стуктури, партии и квази-(наведете сами). Овие ликови и групации се смешни и гротескни самите по себе. Уште повеќе, нема зошто да се манипулира со видео снимки од нивните јавни настапи, за да се убеди јавноста дека се антизападно ориентирани, дека го блокираат македонскиот пат кон ЕУ, како што го блокираа патот до членство во НАТО, враќањето на правдата и владеењето на правото“, пишува Џабир Дерала во „Бајати и не многу интелигентни силеџии“.
Подготви: Б. Јордановска