ТЕМА НА ДЕНОТ Светски ден на слободата на медиумите: На првата линија на одбрана на човековите права и слободи
„На 3 мај оваа година се одбележува и триесетгодишнина од Светскиот ден на слободата на медиумите. Руската брутална агресија против Украина и деструктивните последици од сите облици на хибридното војување против демократијата во Европа и во светот, ја истакнуваат важноста на медиумите повеќе од било кога досега. Овој јубилеј ја дочекува Северна Македонија со уште еден скок на индексите. Добрата вест е што нашата земја бележи скок од 19 места на индексот на Репортери без граници. Но причини за радост на овој ден има малку“, се вели во соопштението на ЦИВИЛ по повод Светскиот денот на слободата на медиумите.
ОН годинава го одбележува овој ден со темата „Обликување на иднината на правата: Слободата на изразување како двигател за сите други човекови права“.
ЦИВИЛ во соопштението го повтори ставот дека дезинформациите и пропагандата ги кршат човековите права искажан и на Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември 2022:
Дезинформациите и пропагандата убиваат. Тие предизвикуваат недоверба во институциите, поларизација, несигурност, страв, тензии и насилство. Со заканите против медиумите, центрите на моќта нанесуваат ненадоместливи штети по економијата, политиката, целокупниот социополитички живот во општеството, стабилноста и безбедноста на државата“, е ставот на ЦИВИЛ.
Организацијата организираше и панел дискусија што се емитуваше во живо.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ Лариса Дир: Русија изврши повеќе од 500 злосторства против новинарите – 57 украински и странски новинари беа убиени, десетици се во руско заробеништво
Украинската амбасадорка во земјава, Лариса Дир, на Светскиот ден на слободата на печатот на својот Твитер профил објави дека Руската федерација изврши повеќе од 500 злосторства против новинарите – 57 украински и странски новинари беа убиени, десетици се во руско заробеништво. Искрено им благодариме на македонските новинари кои вистинито ја покриваат руската агресија против Украина, останувајќи во одбрана на европските вредности. Духовен подвиг.“
ВОЈНА ВО УКРАИНА
РУСКИОТ АГРЕСОР ПРОТИВ МЕДИУМИТЕ „Ја повикуваме меѓународната заедница да го зголеми притисокот врз русија поради убиства, тортура и прогон на новинари, сузбивање на развојот на слободна и безбедна средина за работа на медиумите на привремено окупираните украински територии“, соопшти украинското МНР.
СТРАВ Најмалку шест руски региони ги откажаа парадите на Денот на победата поради страв од украински напади.
ПОМОШ Помошта на членките на ЕУ за Украина досега изнесува 68 милијарди евра, соопшти Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
ФЛЕШ ВЕСТИ
СКОК Северна Македонија е рангирана на 38. место од вкупно 180 земји во светот според Глобалниот индекс за слободата на медиумите на „Репортери без граници“. Земјава бележи скок од 19 места во однос на 2022 година и е најдобро позиционирана во регионот на Западен Балкан, пред Црна Гора (39), Хрватска (42), Косово (56), Босна и Херцеговина (64) и Србија (91) и Албанија (96).
ГЕРМАНСКА АМБАСАДА По повод Светскиот ден на слободата на медиумите, и германската амбасада излезе со соопштение во кое се истакнува дека независното новинарство е најдобриот лек против кршењето на човековите права и злоупотребата на моќта.
АЛ-ПРЕС
Во денешното издание на АЛ-ПРЕС станува збор за средбата на косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ, по што нивните позициите остануваат далечни. Постигнат е успех по прашањата за исчезнатите лица од војната во Косово. Во Албанија, владата предложи албанскиот јазик повеќе да не биде услов за странците кои сакаат да добијат албанско државјанство, доколку родиле деца за време на нивниот редовен престој во земјата.
СЛОБОДНА ЗОНА
Антидемократските, воените и криминалните режими и центри на моќта се во офанзива. Тие ја препознаваат вредноста на медиумите и се плашат од нив. Затоа, служејќи се со своите судско-полициски и подземни структури, тие не се воздржуваат од примена на брутална сила, пишува Џабир Дерала во денешната колумна под наслов „Хероите и хероините без чија пожртвуваност светот би бил обвиткан во мракот и лагите на монструозните режими“.
Слободата и не умеам докрај да ја објаснам само знам дека за неа најубаво пеат „неслободните“, ама она „печатот“ ме следи од времињата кога се троумев кој пат да го фатам. Е сега ќе очекувате длабокоумни тези за слободата на новинарството и анализа за денешните состојби на тој план. Не почитувани, има многу поумни наши сограѓани и почитувани колеги што ќе ви беседат за тоа. Јас овој пат ќе пишувам за свежата боја на утрешниот печат и едни бели панталони ставени во ризична состојба од печатарската боја на вчерашните весници“, пишува Војо Маневски во колумната „Утрешни вести“.
Д. Тахири