Во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија во Скопје од 18 до 20 окотмври 2019, се одржа тридневен семинар, седми по ред, на Центропа, за 50 едукатори од Западен Балкан. Семинарот беше посветен на изучувањето на историјата на Евреите на Балканот во 20 век и холокаустот, но и за негување на локалната култура на сеќавање и регионален дијалог.
Првото предавање учесниците на семинарот го имаа од Џабир Дерала, ЦИВИЛ, која зборуваше на тема „Културата на сеќавањето и човековите права во земјите од Западен Балкан.
„Култура на сеќавање во Северна Македонија, Србија, Косово, Албанија… сето она што ние го нарекуваме Западен Балкан, практично и да не постои. Тоа што може да биде култура на сеќавање или соочување со минатото на Западен Балкан, за жал, многу често, е ад хок, минимално и зависи од некои иницијативи и пари од странските донатори и со најзасегнатите во одредени теми и прашања што се однесуваат на културата на сеќавањето и соочувањето со минатото. Ако ја има културата на сеќавањето, ја има низ каналите на моќта, политичката моќ. Таа, се разбира, е во спрега со медиумската моќ и со финансиските центри на моќ. И тоа најчесто на крајно непријателски за човековите права, организиран начин. Токму холокаустот како сеќавање, драматичен настан во историјата, најчесто се занемарува или се заборава, ад хок зависно од разни меѓународни датуми или ако некој дипломат изјави нешто, тогаш се спомнува…Холокаустот и човековите права имаат суштинска врска. Соочувањето со минатото е дисциплина во доменот на човековите права и слободи“, потенцираше Дерала во дел од своето предавање.
Поздравно обраќање имаше и Н.Е. Амбасадорот на Австрија во Северна Македонија, др. Георг Вуцас.
Семинарот се реализираше со поддршка на Claims Conference, Конференција за еврејските материјални побарува против Германија, Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија, Австриската амбасада во Скопје и од Амбасадата на САД во Скопје.
Центропа е непрофитен, еврејски историски институт посветен на зачувување на еврејските семејни приказни и фотографии од 20 век од Централна и Источна Европа и Балканот, и ширење на овие приказни и фотографии преку филмови, книги и изложби.
Б. Јордановска