Министерката за правда, Рената Дескоска за ЦИВИЛ Медиа вели дека во политичкиот систем како функционираат институциите многу зависи од тоа кој седи во тие институции.
„Може да имате кохабитација, претседателот на државата да е од една партија, а претседателот на парламент да е од друга и тоа да функционира, ако има политичка култура и желба да се почитуваат законите. Но, исто така може да имате ситуација во којашто ќе ви се блокира системот.
Ние сега сме сведоци на едно недолично однесување на одредени колеги кои седат во владата, кои се претставници на опозицијата и не сакаат да ги почитуваат основните законски правила кои регулираат како треба да се одвива една техничка влада.
На пример, ако се знае дека за одредени прашања потребен е потпис од заменик министерот, каде што е недозволиво без да се води таа постапка, без да се добие тој потпис, таа согласност, да се носат решенија. Ние сме сведоци во две наврати едно по друго се поништуваат решенија на министерката за труд и социјална политика. Недозволиво е таа самата да постапува со незаконско дејствие и тоа да и се укаже. На што личи тоа, прво кој сигнал се пушта до Центрите за социјални работи, кога министерката денеска става незаконски едно лице, владата утре го поништува тоа решение, и со сето ова се праќа лоша порака.
За жал ВМРО-ДПМНЕ уште не е созреано сваќањето за демократски обврски, немаат демократски капацитети за да пристапат. Техничката влада е демократски инструмент што треба да овозможи поделба на ингеренции со цел заеднички да се гарантира регуларност на изборниот процес. За жал, наместо тоа, по однесувањето на нивните министри ние гледаме обид на некој начин да се злоупотребат позициите коишто ги добиле за работи кои се надвор од мандатот на техничката влада“, вели Дескоска.
Министерката ги уверува граѓаните дека на денот на изборите ќе има фер и демократски процес.
Д. Муратов