Собранието е веќе конституирано и тече рокот од 10 дена за доделување на мандатот за состав на Влада, вели министерката за правда во заминување Рената Дескоска.
– Мандатот на пратениците, согласно Уставот, тече од конститутивната седница. Не може пратениците да имаат мандат во неконституирано Собрание. Собранието е веќе конституирано на конститутивната седница, објави Дескоска на незиниот официјален Фејсбук профил во врска со дебатата во јавноста дали Парламентот е конституиран во услови кога не е избран претседателот на законодавниот дом.
Во врска со примерите кои се посочуваат од 2006 и 2016 година, таа наведува дека кога се прават паралели меѓу два случаи треба да се води сметка за правните акти кои важеле во времето на превземањето на дејствијата и при тоа ги споредува членот 9 од Деловникот донесен во 2002 година кој важел во 2006 година кога претседателот Бранко Црвенковски го доделил мандатот за состав на влада на мандатарот Никола Груевски и членот 9 од Деловникот донесен во 2008 година, како што вели, без учество на опозицијата со едностран акт на владејачкото мнозинство, врз основа на кој е доделен мандатот во 2017.
– Не треба посебна анализа за да се согледаат разликите меѓу двата текста: првиот, оној од 2002 година е појасен, попрецизен, подемократски и со пологични одредби. Вториот, насила донесен од страна на тогашната власт во 2008 година, создава дилеми и проблеми во примената, а главна цел му е да ја стави палката за водење на конститутивната седница во рацете на поранешниот претседател на Собранието, вели министерката за правда.
Таа појаснува дека одредбата од членот 9 од Деловникот во 2002, а што го нема во текстот од 2009 уредуваше дека ако поранешниот претседател на Собранието не свика конститутивна седница, пратениците сами се состануваат во 10 часот на 21-от ден од завршување на изборите, дека со конститутивната седница претседава најстариот по години присутен пратеник и дека Собранието може да се конституира ако се верификуваат мандатите на 2/3 од вкупниот број пратеници.
– Во 2006, кога претседателот Црвенковски го додели мандатот за состав на Влада, немаше никакви дилеми дека Собранието беше конституирано со верификацијата на 2/3 од мандатите на пратениците. Деловникот на Собранието од 2008 година внесува чудна, ако не и апсурдна процедура на свикување на конститутивната седница ако тоа не го направи поранешниот претседател. Тогаш „стапува на сцена” најстариот пратеник, а ако и тој тоа не го направи, седницата може да ја свика пратеникот кому му доаѓа ред согласно редоследот на годините. Апсурд!, вели Дескоска и посочува дека новиот деловник го користи терминот „претседател во заминување” што го оценува како апсурд создаден од лични мотиви.
Според неа, потребно е донесување нов деловник за да се превенираат ситуации на неуставното, незаконското и неделовничкото однесување како од „црниот понеделник“ од декември 2012 година
– Што можеме од ова да заклучиме?! Дека новиот текст на Деловникот од 2008 година е ретрограден, непрецизен и мотивиран од лични интереси на „владетелите“ од тоа време! Собранието треба сериозно да го „препрочита“ Деловникот и да донесе нов текст кој ќе ги отстрани ваквите небулози и ќе ги имплементира препораките од ад-хок комисијата за превенирање на ситуации како неуставното, незаконското и неделовничкото однесување претседателот на Собранието на 24 декември 2012, т.н. црн понеделник, наведува таа..
Што се однесува до толкувањето на Уставот и Деловникот околу различни прашања, за жал, оценува Дескоска, се покажува недостатокот на познавање на техниките и методите на толкување на правните норми од страна на многумина, вклучувајќи ги и правниците.