• Latest

Децентрализација без демократизација – изгубениот глас на граѓанинот

June 30, 2026
Запорижја, Украина, 29 јуни 2026 (фото: ДСНС)

Русија со нов масовен напад врз Украина: загинати цивили во Днипро и Запорижја, Кијив бара засилена заштита на украинското небо

June 29, 2026

Мицкоски бара внимание

June 29, 2026
(архивска снимка) Максим Димитриевски на конференција на ЦИВИЛ

Политички дуел меѓу СДСМ и ЗНАМ: Кој е сателит на власта, а кој е во „политички стечај“?

June 29, 2026

ЛЕТНО ЧИТАЊЕ ЗА НЕМИРНИ УМОВИ: Ниски летни цени за изданијата на ЦИВИЛ и Frontline Press само во книжарницата „Или-Или“

June 29, 2026

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ го обвинува лидерот на СДСМ за молк по објавувањето на дипломатска нота од Бугарија

June 29, 2026

Не се „назадни“ жените што бараат пристап, назадни се исмевањето и омразата

June 28, 2026
Проф. д-р Оливер Андонов (фото: А. Мехмети/ЦИВИЛ)

Вистини

June 28, 2026

Четири часа без мажи и цела држава во паника

June 28, 2026

30 років Конституції України: від Основного Закону до захисту демократичних цінностей

June 28, 2026

30 години од Уставот на Украина: од Основниот закон до заштитата на демократските вредности

June 28, 2026
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home СЛОБОДНА ЗОНА

Децентрализација без демократизација – изгубениот глас на граѓанинот

June 30, 2026 07:27
in ИЗБОРИ, ПОЛИТИКА, СЛОБОДНА ЗОНА, ТОП 5
Share on FacebookShare on Twitter

Стевче Дечев

Една мала партија ја прашала Донтовата формула: „имам 20.000 гласа, ќе добијам ли пратеник? Формулата одговорила: „Зависи… дали прво ќе се зачлениш во голема партија?“

Кај нас изборниот систем е како ресторан. Менито е за сите исто, ама масите се резервирани однапред само за некои.

Тоа е како да имате трка. Сите стартуваат од иста стартна линија освен големите партии кои стартуваат 1000 метри пред останатите.

Постојат разговори кои остануваат во сеќавање повеќе од две децении. Еден таков разговор имав во учебната 2003/2004 година со тогашната моја омилена професорка по Уставно право и политички систем, а денес претседателка на државата, Гордана Силјановска-Давкова. На предавањата на Правниот факултет „Јустинијан Први“ таа ни го претставуваше процесот на децентрализација – една од најзначајните реформи во независна Македонија.

Децентрализацијата беше неопходен и правилен чекор. Таа значеше пренесување на бројни надлежности од централната власт кон општините, со идеја власта да биде поблиску до граѓаните и полесно да одговара на нивните реални потреби. Тоа беше европски концепт кој заслужуваше поддршка.

Но тогаш, како студент, поставив едно прашање кое и денес ми одѕвонува.

„Професорке, зарем не се случува парадокс? Од една страна ја доближуваме власта до граѓаните преку децентрализацијата, а од друга страна, со промената на изборниот модел за избор на пратеници, ја оддалечуваме од нив и ја ставаме во рацете на лидерите на политичките партии?“

Нејзиниот одговор беше краток и јасен – „Да, во право сте колега.“

Токму тогаш Македонија го напушти комбинираниот мнозинско-пропорционален изборен модел и премина на целосно пропорционален систем со затворени кандидатски листи.

На прв поглед тоа изгледаше како чекор кон поголема правичност. Во пракса, меѓутоа, се случи нешто сосема поинакво.

Граѓаните повеќе не избираат личности. Тие гласаат за партиски листи составени од партиските раководства. Пратениците, наместо да чувствуваат политичка одговорност кон избирачите, честопати чувствуваат поголема зависност од лидерот кој ги поставил на листата.

Последниве денови повторно сме сведоци на веќе добро познатото политичко сценарио. Едни бараат промени на Изборниот законик, други ги блокираат, трети ја бојкотираат дебатата. Истите аргументи, истите меѓусебни обвинувања, истата претстава што се повторува пред речиси секој изборен циклус.

По повеќе од две децении се поставува прашањето: дали навистина постои искрена политичка волја за изборна реформа или најголемите партии, без разлика дали се власт или опозиција, всушност имаат заеднички интерес да го задржат системот што им обезбедува предност?

Додека јавноста следи политички препукувања, суштинското прашање останува без одговор – кога Македонија конечно ќе добие современ, граѓански и праведен Изборен законик, во кој секој глас ќе има приближно еднаква вредност, а секој учесник на изборите ќе има еднаква шанса да биде претставен? Без таква реформа, тешко е да се зборува за вистинска политичка еднаквост и целосна демократизација на институциите.

Дополнителен проблем создава начинот на распределба на мандатите преку Донтовата формула.

Што е Донтовата формула?

Донтовата формула е математички метод за распределба на пратеничките места. Гласовите што ги добива секоја партија се делат со низа броеви (1, 2, 3, 4, 5…) и мандатите се доделуваат според најголемите количници. Кој има повеќе ќе има уште повеќе.

Иако методот формално е пропорционален, неговата практична последица е дека им дава предност на поголемите партии, особено кога државата е поделена на повеќе изборни единици со релативно мал број мандати. Во таков систем, десетици илјади гласови можат да останат без парламентарна застапеност.

Тоа значи дека двајца граѓани можат да дадат глас со различна „тежина“. Гласот даден за голема партија многу полесно се претвора во пратенички мандат, додека гласот даден за мала политичка опција честопати останува без претставник во Собранието.

Во последните парламентарни избори тоа го видовме повеќепати.

Политички партии како Левица во своите први настапи, ВМРО–Народна, Обединети за Македонија и повеќе други помали политички субјекти во различни изборни циклуси освоија значителен број гласови, но не успеаја да обезбедат пратенички мандати или добија значително помалку мандати отколку што би очекувале нивните гласачи. Илјадници граѓани практично останаа без свој претставник во законодавниот дом.

На парламентарните избори 2024г. еден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ тежел 12.600 (дванаесет илјади и шестотини) гласа, на СДСМ 12.200 (дванаесет илјади и двеста) гласови, на ДУИ 11.900 (единаесет илјади и деветстотини) гласови. Додека пратеник на ЗНАМ 16.000 (шеснаесет илјади) гласови, а на Левица 17.500 (седумнаесет илјади и петстотини) гласови, а пратеник на Вреди 14.500 (четиринаесет илјади и петстотини) гласови.

На изборите 2020 година, еден пратеник од СДСМ со коалицијата тежел 12.300 гласови, на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата 13.000, на ДУИ 13,500, на Левица 12.500, на Алтернатива 13.700 гласови.

На изборите 2016 г. пратеник на ВМРО-ДПМНЕ тежел 13.300 гласови, на СДСМ 13.000 гласови, на ДУИ 13.500, на Беса 14.300, на Алијансса за Албанците 15.000. Додека ВМРО-Народна и покрај освоени илјадници гласови не добила мандат.

На изборите 2011 г. пратеник на ВМРО-ДПМНЕ тежел 11.500, на СДСМ 12.000 гласови, на ДУИ 12.500 гласови, а Обединети за Македонија со освоени 17.000 гласови не добиваат ниту еден мандат како и ЛДП и други помали партии.

Што покажува ова?

Ова покажува дека големите партии имаат поефикасен глас. Во повеќето изборни циклуси ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ добивале мандат со 11-13 илјади гласови, а помалите партии плаќале „повисока“ цена за мандат како во случајот со Левица во 2024 г. кога дури пратеник има тежина од 17-18 илјади гласови. А сепак најголемиот проблем се партиите со нула мандати како ВМРО-Народна, Обединети за Македонија, ИНТЕГРА, ЛДП, Независните граѓански листи, ДОМ, Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), Обединетата партија на Ромите, како и турските, српските или бошњачките партии (кои доаѓаа до мандат само преку коалиција со големите партии) и низа други партии кои сепак освоиле илјадници гласови, но не добиле ниту еден пратеник. Тука „тежината“ на нивниот глас практично станува нула, бидејќи тие гласачи немаат парламентарен претставник.

На пример ВМРО-Народна со освоени 28.000 гласови во 2011 г. не доби пратеник, Обединети за Македонија со освоени 17.000 гласови исто така не доби пратеник. Не доби пратеник ниту ЛДП со освоени 16.000 гласови, ИНТЕГРА со повеќе од 9.500 гласови во 2020 г., не освоија мандат, ниту Независните листи на изборите во 2024г.

Не станува збор само за судбината на една или друга партија.

Станува збор за тоа дали секој глас навистина вреди еднакво.

Кога голем број граѓани со години гледаат дека нивниот избор не резултира со застапеност, постепено ја губат довербата во изборниот процес. Излегуваат помалку луѓе на гласање. Се создава чувство дека исходот е однапред познат.

Во меѓувреме, големите партии располагаат со развиени партиски структури, администрација, медиумски простор, милиони евра по избори, активистички мрежи и стабилно гласачко тело кое дисциплинирано излегува на избори. Независните кандидати, граѓанските иницијативи и малите политички партии влегуваат во трка со далеку понерамноправни услови.

Така се создава впечаток дека по секои избори се будиме во истата политичка реалност. Истите политички блокови, истите конфликти, истите поделби.

Како да живееме во црно-бел филм кој постојано се повторува.

Со години слушаме дека ќе се отвори дебата за нов Изборен законик. Слушаме најави за една изборна единица, за отворени листи, за поголема застапеност на независните кандидати и помалите политички субјекти.

Но, реформите никако да дојдат.

Се поставува легитимното прашање: дали навистина постои политичка волја за промена или реформите служат само како тема која се отвора пред секои избори, а потоа повторно се затвора?

Вистинската реформа би значела дел од политичката моќ да се врати кај граѓаните.

А токму тоа е најтешко да се прифати за оние што со години профитираат од постоечкиот систем.

Македонија има потреба од парламент кој ќе биде вистински пресек на граѓаните, а не само на најголемите партии. Парламент во кој ќе има повеќе идеи, повеќе мислења и повеќе одговорност кон јавноста.

Департизацијата на државата не започнува со кадровски промени.

Таа започнува со изборен систем кој ќе обезбеди секој глас да има приближно еднаква вредност и секој граѓанин да почувствува дека неговиот избор навистина може да влијае.

Само тогаш ќе можеме да кажеме дека не само што сме ја децентрализирале власта, туку сме ја демократизирале.

 


Текстот е личен став на авторот | Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА | Сите права се задржани


Во ера на дезинформации, националистички популизам и авторитаризам, неопходна е вашата поддршка за ЦИВИЛ

Поддржете ги независните медиумски платформи на ЦИВИЛ во борбата против дезинформациите, национализмот, хибридните закани и авторитаризмот

Дајте го својот придонес СЕГА

ShareTweetSend
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ