Претседателот на ЦИВИЛ- Центар за слобода, Џабир Дерала, на панелот „Историја и иднина на демократијата, човековите права и медиумските слободи“, вели дека патот и успехот на ЦИВИЛ не го градел сам туку со целиот тим.
„Има стотина вистини за еден факт. Но, сепак има една вистина, а тоа е дека Русија е агресор, убива во Украина, а Украинците се бранат.
Може да се изманипулираат фактите, да се замолчуваат новинарите, има кибер напади, порано чинеа до 700 евра сега чинат 200 евра. Многу малку се инвестира во пропагандата, лесно е да се шири национализам и да се претворат младите лица во топовско месо како што се навивачките групи.
Ние сме на фронтот на вистината. Ако престанеме да работиме никој нема да ни помогне.
Благодарение на советот на неколкумина, ЦИВИЛ ќе ја зајакне својата работа надвор од границите, не само во Западен Балкан туку и пошироко.
ЦИВИЛ планира да сузбие со војната против војната. Војната после војната трае подолго од војната, видовме примери во БиХ, Косово, Хрватска…
Сигурен сум дека Путин ќе изгуби кога тогаш, да не дозволиме да победи путинизмот“, вели Дерала.
Џабир Дерала е новинар, аналитичар за хибридна војна и активист за човекови права. Тој ја предводи ЦИВИЛ, клучна организација во Северна Македонија која се бори против дезинформациите и авторитаризмот. Автор е на книги за дезинформации и хибридна војна и руска агресија против Украина, вклучително и Украина – Година на херојство (2023). Тој е добитник на Орденот за заслуги од претседателот на Украина Зеленски и Наградата за солидарност за новинарите во ЈИЕ за неговата работа во борбата против дезинформациите и промовирањето на човековите права.
Конференцијата се состои од четири сесии, во кои учествуваат повеќе од 25 учесници од Северна Македонија, регионот, Европа и САД, како и изложба и штандови со изданија на организацијата која оваа година одбележува 25 ГОДИНИ од основањето.
Меѓународната конференција „Одбрана на демократијата и човековите права“ во Скопје е дел од програмата на Неделата на човекови права – иницијатива на Владата на Северна Рајна-Вестфалија.