На средбата со медиумите, претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска информираше за повеќе прашања. Тој најави дека локалните избори ќе ги распише на крајот на јули или на почетокот на август.
Џафери информира и дека на 1 јули започнува комисиската дебата за ребалансот на Буџетот. Во тие десет дена нема да има пленарни седници освен ако не се појави итна потреба за тоа. До 1 јули би требало да се одржи седница и за една од интерпелациите поднесени од опозицијата.
Претседателот на Собранието посочи дека во законодавниот дом не се стигнати предлозите за еколошката такса на горивата и за намалуање на ДДВ кај струјата и дека не знае кога би биле ставени на дневен ред на седницата.
Џафери на 28 и 29 ќе биде во Брисел на покана на претседателот на ЕП Сасоли. На 28 во Брисел ќе се одржи конференција на претседатели на Парламенти на која ќе учествуваат сите претседатели на собранијата од земјите од Западен Балкан. Оттаму, Џафери вели дека ќе бидат упатени пораки до ЕУ по последната одлука за недобивање датум за Северна Македонија и Албанија.
Џафери го дели мислењето дека проблемот е во ЕУ и принципот на едногласност. Од педесетите години, кога е основана Унијата, околностите се променети и очигледно е дека тој принцип на едногласност е проблематичен. Но, ние не треба да се откажеме од европските вредности, вели претседателот на Собранието.
Во однос на разговорите со Бугарија и дали Парламентот во Скопје ќе се вклучи на некој начин во овој процес, Џафери рече дека нашето Собрание го ратификувало Договорот со Бугарија и оти владите се тие што разговараат за ова прашање.