Интерпелацијата што Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ја поднесе за мене, содржи низа невистини и претставува груб обид за манипулација, поради што и решив да одговорам на крајно тенденциозните наводи, пишува претседателот на Собранието, Талат Џафери во одговорот на интерпелацијата поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Тврдењата изнесени во интерпелацијата јасно укажуваат на намерата на подносителите без каква било основа да ги девалвираат моите постигнувања, посебниот придонес што го дадов во изминатите пет години во подигнувањето на нивото на дијалог и демократска култура во законодавниот дом, преземајќи чекори кон јакнење на независноста на Собранието и на неговата контролна функција во однос на извршната власт – нешто што беше речиси незамисливо во периодот кога дел од сегашните подносители на интерпелацијата беа мнозинство во парламентот, вели Џафери.
Според Џафери, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, секако, се свесни дека, за дневно – политички цели, поттикнати од нивното партиско седиште, пласираат груби невистини со наводите во интерпелацијата дека ги прекршувам Уставот, законите и собранискиот Деловник.
Во врска со наводите дека сум го прекршил Деловникот со тоа што сум побарал да се затворат вратите на пленарната сала за да се пребројат присутните пратеници, на сите упатени во случувањата во Собранието во последните неколку години, веројатно им е многу јасно дека станува збор за чисто лицемерство. Односно, мошне јасна е намерата на опозицијата, која сите овие години ја опструира работата на законодавниот дом и оневозможува донесување на битни закони за граѓаните, и овој пат да создаде лажна претстава во јавноста дека јас постапувам спротивно на Деловникот, нагласува Џафери.
За Џафери, токму Деловникот ги демантира нелогичните обвинувања дека сторил нешто надвор од моите надлежности.
Тој објаснува дека според членот 95 од Деловникот, Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство. Претседателот на Собранието го соопштува бројот на пратениците што гласале “за”, “против” или “воздржано”, како и бројот на пратениците што се присутни. Претседателот на Собранието може да определи да се утврди бројот на присутните пратеници со броење. Утврдениот број на присутни пратеници се смета за точен сè додека претседателот или еден пратеник, чие барање го поддржуваат најмалку десет пратеници, не побара повторно да се утврди бројот на присутните пратеници.
Според тоа, вечерта на 25 мај, вратите на салата беа затворени за да можат собраниските служби да го утврдат бројот на присутни пратеници, односно дали има кворум за да се премине на гласање. Всушност, во Деловникот е предвидена можност за затворање на вратите на салата, на барање на претседателот на Собранието или на еден пратеник, поддржан од најмалку десет пратеници. Поточно, членот 97 од Деловникот предвидува дека за време на поименичното изјаснување на пратениците вратите на салата во која се одржува седницата на Собранието се затвораат и не се дозволува влегување и излегување на пратениците се додека трае поименичното изјаснување, така што јасно е дека единствената намера на опозицијата, во овој случај беше да приредат евтина претстава пред јавноста, истакна претседателот на Собранието.
Што се однесува до обвинувањата за прекршување на Кодексот, Џафери подвлекува дека нема да навлегува во сценариото на Пратеничката група на опозициската коалиција, која се обиде да создаде тензична атмосфера во салата на продолжението на 71.пленарна седница, со очигледна намера да предизвика инцидент, за што сведочи и однесувањето на координаторот на Пратеничката група, кој недозволиво навлезе во просторот определен за претседавачот со седницата.
Во оваа прилика, единствено ќе истакнам дека во изминатите пет години, се однесувам со посебна почит кон сите вработени во Службата на Собранието на Република Северна Македонија. Аргумент во таа насока е и мојата посебна заложба за донесување на законските измени кои овозможија независност на собраниската служба, како што и и личи на институцијата која е носител на законодавната власт и на демократските процеси во земјава, со што, меѓу другото, за првпат по подолго време се овозможи зголемување на платите на сите вработени во собраниската администрација за 20 проценти, вели Џафери.
Според Џафери, воопшто не држат вода наводите за негово несоработување со координаторите на сите пратенички групи, вклучително и со тие од опозицијата. За сите координации има записници кои ги демантираат тезите изнесени во интерпелацијата за прекршување на Уставот и на Деловникот, како и за несоработување со опозицијата, особено ако се има предвид дека на сите координации се поканети и координаторите од опозицискиот блок, дури и пратеници од партии кои не се организирани во пратеничка група, што беше незамисливо претходно.
Записниците од координациите, нагласува Џафери, ги побиваат наводите во интерпелацијата дека тој го оневозможува разгледувањето на интерпелациите за носители на јавни функции.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, посебно нивниот координатор, многу добро знаат дека сите поднесени интерпелации се ставени на дневен ред на пленарна седница, а тоа што не почнала расправа за нив е „заслуга“ на самите подносители на интерпелацијата. На 36. седница, одржана на 25 март 2021 година, координаторот Никола Мицевски лично побара да се симнат од Дневен ред сите точки, вклучително и интерпелациите, освен првата, деветтата, десеттата и единаесеттата точка за што можете да ги побарате и стенографските белешки на веб страницата на Собранието, истакна Џафри.
Џафери посочува на тоа дека, со оглед на практиката терминот за расправа за интерпелација да биде во договор со нејзините подносители, како и со функционерот на кој таа се однесува, односно да се усогласи со нивната агенда, фактите говорат дека постојаните одложувања и премислувања на ВМРО-ДПМНЕ беа причина што не почна расправа за интерпелациите на поранешните вице-премиер за спречување корупција и министер за правда.
Стара вистина е дека пред да обвинуваш некого, прво треба да се погледнеш во „огледало“. Да имаше малку самокритичност и објективност кај пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, тие ќе се воздржеа од вакви неосновани напади врз мене и од креирање вакви сценарија. Затоа што фактите говорат дека и Етичкиот кодекс и законските измени со кои се овозможи независноста на собраниската администрација се донесени во мојот мандат, дека најновиот извештај на ДЗР за работата на Собранието е чист како солза, а дека прекршувањата на Уставот и на Деловникот беа пракса во едни минати времиња, пишува Џафери во одговорот до Пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ.












