Нема пречки да се свика итна седница на која би се разгледала можноста за продолжување на пописот, но треба да се достави предлог од Владата или од група пратеници и да има политички консензус меѓу сите политички партии во Собранието.
– Непишано правило е Собранието да работи во изборна кампања, но тоа не значи дека ако има итна потреба, да не заседава. Во однос на изјавата на директорот на Државниот завод за статистика дека е можно да биде побарано продолжување на пописот поради хакерските напади, ова е прашање кое треба да биде предлог на Владата или на група пратеници за измена на законот. Треба да има конкретен предлог, а поради фактот дека во Собранието учествуваат политички субјекти од разни проминенции, тој треба да биде усогласен меѓу нив, истакна денеска Џафери.
Согласно процедурите, ваква итна седница може да свика претседателот на Собранието, но вообичаено вакви седници се свикуваат со барање на 20 пратеници.
Доколку би се побарало продолжување, според Џафери, тоа треба да биде направено во следните два дена имајќи предвид дека пописот законски треба да заврши на 30 септември.
За предлогот за формирање Анкетна комисија за пожарот во модуларната болница во Тетово, Џафери смета дека е преуранет. Анкетна комисија, според него, може да се формира откако ќе заврши работата на истражните и судските органи.
– Анкетната комисија не може да разгледа прашања коишто се во надлежност на истражните и судските органи. Вообичаено и претходните анкетни комисии како што беа за гостиварските настани и за Сопот се формирани постфестум. Според Деловникот, Собранието нема судски и истражни надлежности. Истрагата трае и кога ќе има заклучок од надлежните институции, тогаш може да се вклучи Собранието преку Анкетна комисија за да ги потврди или да ги отфрли наодите на овие органи, изјави Џафери по денешната средба со медиумите.
По пожарот во модуларната болница во Тетово, опозицијата поднесе барање до Собранието за формирање на Анкетна комисија, но тоа беше вратено со образложение дека е неуредно бидејќи не било испратено со уставното име на државата.