Претседателот на Собранието Талат Џафери признава и поддржува сечие право на протест и искажување став, а ги осудува навредите и омразата кон припадници на друга заедница, како и насилството врз полицајците и нанесената штета на законодавниот дом.
-Синоќа, законодавниот дом беше повторно мета на лицата што протестираа, кои со насилно однесување, хулиганство, користење на тврди предмети, изразување на вербални закани и поттикнување омраза кон сите кои не мислат како нив, го изразија својот став и мислење во однос на францускиот предлог. Јас признавам и поддржувам сечие право на протест, на искажување став, меѓутоа, тоа не значи да се повредуваат полициски службеници кои ја извршуваат својата должност, тоа не значи да се предизвика материјална штета која повторно ќе се одрази негативно врз сечиј буџет, и тоа не значи да се искажува навреда и да се поттикнува омраза кон припадници на друга заедница, рамноправни граѓани на Република Северна Македонија, соопшти Кабинетот на претседателот на Собранието.
Сите сме засегнати од актуелната политичка, безбедносна, економска ситуација и сите заедно, ќе придонесеме во што побезболно надминување, меѓутоа не на овој начин, ова не е решение.“, се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателот на Собранието.
По вчерашниот протест против францускиот предлог имаше искршени стакла и нанесена штета и на зградата на МНР.