ЦИВИЛ прими повеќе информации за наводно гласање на починати или иселени лица во две избирачки места (1475, 1476) во општина Долнени на денот на гласањето на 15 јули. Наводите за грубо кршење на Изборниот законик, со гласање на починати и иселени лица, како и случаи на закани и притисоци од активисти и локални функционери на ДУИ во општината, се дел од приговорите на Алијансата за Албанците, кои ДИК ги одби на вчерашната седница.
Кога се работи за Избирачкиот список, Изборниот законик е јасен. МВР има обврска да достави податоци за починати лица до ДИК два пати годишно. Тоа подразбира и барање за бришење на тие лица од Избирачкиот список. Се разбира, тоа може да се прави и во текот на целата година, но два пати годишно секако е законска обврска. Се доставува доказ – умреница, па ако ДИК одбие да го избрише починатото лице, се поведува управен спор, односно тужба пред Управен суд.
Дотука е горе-долу јасно, без оглед на тоа дали и колку линкот меѓу МВР и ДИК навистина функционира. Во минатото, јавноста беше сведок дека тој линк или не функционирал или бил политички контаминиран.
ЦИВИЛ го контактираше и Јавното обвинителство во врска со ова, иако тоа не е директно надлежно за спроведување на обврските поврзани со ажурирањето на Избирачкиот список. Сепак, Јавното обвинителство експресно одговори на прашањето на ЦИВИЛ и, меѓу другото, истакна: „Доколку бидат утврдени елементи на кривично дело, Обвинителството ќе постапи согласно своите надлежности“.
Останува проблемот да го реши ДИК. Доколку се поднесе барање или приговор, според законот, ДИК треба да постапи и да ги провери наводите со МВР. Правните експерти на ЦИВИЛ немаат дилеми дека тоа е законска обврска на ДИК, да ја провери состојбата и на тој начин да го отстрани сомнежот дека се работи за некаков вид измама.
Но, проблемот е во тоа што никој не ги почитува тие законски обврски во праксата. Во принцип, доколку некоја партија, изрази сомнежи дека гласале починати лица, пред ДИК има јасна задача – треба да го проверат тоа. Впрочем, во ингеренциите на ДИК е да постапува и по сопствена иницијатива, по допрен глас… Сите се сеќаваат на многу подобри денови на ДИК.
ЦИВИЛ е во постојана консултација со правните експерти во својот тим и секогаш кога ќе отвори некој случај во кој има сомнение за изборни нерегуларности, веднаш ја информира јавноста.