Државната изборна комисија со 4 гласа „против“ и 3 „за“ го отфрли приговорот на коалицијата на Алијансата за Албанците (АА) и Алтернатива за избирачкото место 543 во Дебар.
Претставнилот на АА и Алтернатива бараше поништување на гласањето на ова избирачко место, што беше поддржано од членот на ДИК, Кренар Лога. Според Лога, записникот од Избирачкиот одбор е невалиден бидејќи не бил потпишан од мнозинството членови на ИО. Исто така, беше наведено дека претседателот на Одборот на избирачкото место на денот на гласање бил разрешен од ОИК Дебар, но продолжил да ја врши функцијата. Членовите на ДИК од ДУИ и СДСМ посочија дека во записникот нема забелешки за текот на гласањето, така што нема основ за поништување на гласањето.
ДИК не го прифати ниту приговорот на Движењето „Одлучно за промени“ на ЛДП и ДОМ, а ги отфрли и приговорите на Демократската партија на Турците.
Државната изборна комисија ги одби и сите шест приговори на Левица поради тоа што, како што констатира комисијата, партијата не доставила материјални докази.
Државната изборна комисија информираше и дека луѓето кои имат право на глас како болните и немоќните, тоа право ќе го остварат и во вториот изборен круг, на ист начин и под исти услови и истите може да се поднесуваат нови барања. Нови барања ќе треба да поднесат и граѓаните со ковид-19 и оние што се во изолација.
ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ ги повлекоа своите приговори за првиот круг од гласањето на локалните избори.












