Државната изборна комисија денеска ја одржа 71 седница, на која една од точките беше и измени во Годишниот план за вкупните потреби за јавни набавки во 2023 за потребите на Комисијата.
„Државната изборна комисија заради зголемување на ефикасноста и ефективноста, во пресрет на редовните претседателски избори и парламентарни избори, краткиот временски рок до распишување на изборите, се одлучи да одиме со спроведување на јавните набавки со рамковни спогодби. Затоа веќе го изменивме планот за јавни набавки во делот за печатење на недоверлив и доверлив изборен материјал., како и за дизајнирање и печатење на прирачници за едукација на изборни органи и промотивен материјал. Исто така, и за третата точка за транспорт на недоверливиот и доверливиот материјал од печатницата до ОИК и МНР“; изјави Дитмире Шеку, потпретседателка на ДИК.
Шеху објасни дека ќе се врши промена и во избор на ПР агенција за обука на гласачите за навреме да се изврши оваа набавка и да се емитува по радиодифузерите.
На седницата се дискутираше и за Етичкиот кодекс на изборната администрација и се нагласи дека неговото непочитување не подлежи на одговорност според Законот за административни службеници.
На седницата беше усвоен и Етичкиот кодекс на членовите на ДИК, кој произлегува од процесот на интегритет воден од Државната комисија за спречување на корупција.
ДИК информираше дека ќе формира и меѓуинституционално координативно тело за ИКТ и справување со безбедносни предизвици. Како што објасни претседателот на ДИК, Александар Даштевски, формирањето на ова тело е во насока на зголемување на сајбер безбедноста, која, според него, е општ проблем во општеството, како превентивна мерка и креирање планови за реакција на сибер напади.
Б. Ј.