Претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски, на денешната прес-конференција истакна дека досега се обработени 3134 избирачки места, од вкупно 3840 и дека досега гласале 199.495 граѓани, или вкупно 11% од вкупниот број на гласачи.
Во првата изборна единица досега гласале 13,7%, втората 9,64%, третата 13,08%, четвртата 13,46%, петтата 10,55%, а шестата 6,04%.
„Голема излезност има во општина Аеродром, излезени се над 17,6%, потоа Карпош 17,07%, Кисела Вода 16,81%. Во втората изборна единица Бутел со 14,76%, третата изборна единица 19,03% во Градско, во Крива Паланка речиси 17%, Лозово 17,03, Пробиштип има 20,69% до 11 часот, четвртата единица ДОјран 17,83%, Демир Капија 20,77%, Новаци 20,52%, Прилеп 16,55%“, истакна Деркоски.
Во петтата изборна единица, истакна Деркоски, во Битола има 16,91%, Демир Хисар 21,30%, Охрид 13,16%, а во шестата изборна единица излезноста се движи од 6, 7%, а највисока има во Тетово 8,13%
Деркоски истакна дека досега немало пријавено неправилности и инциденти на гласачките места и дека гласањето се одвива непречено.
Според потврдените информации добиени од набљудувачите и регионалните канцеларии на Граѓанската Асоцијација МОСТ, на гласачките места покриени од МОСТ нема неправилности, а гласањето се одвива безбедно, со почитување на здравствените протоколи.
А. П.