Членовите на ДИК на денешната седница едногласно го усвоија Предлог-заклучокот за дополнување на заклучокот за изјаснување на конечност на резултати од гласањето за избор на членови на Советот на општините и Советот на Град Скопје, градоначалници на општините и градоначалник на Град Скопје, одржани на 17 октомври 2021 година.
Претседателот на ДИК Александар Даштевски појасни дека по поднесените приговори на постапката за гласање, избрани се градоначалници во Кисела Вода – Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ и во Пласница – Алија Јаоски од ДУИ. За гласањето за кандидати за членови на Совет, по поднесени приговорите на постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултатите се утврдува конечност на резултатите од гласањето во општините Лозово, Тетово, Штип, Кисела Вода и Пласница. Општинските изборни комисии треба да постапат согласно член 136, став 3 од Изборниот законик и веднаш да ги објават конечните резултати од гласањето одржано на 17 октомври 2021 година. Во рок од 24 часа од објавувањето да ја известат ДИК заради потребата конечните резултати од гласањето да се објават на веб-страницата на ДИК.
Членовите на ДИК едногласно го усвоија и Предлог-упатството за измените и дополнувањата на упатството за важечки и неважечки гласачки ливчиња.
На седницата беа разгледани и одобрени четири акредитации за набљудувачи на изборите, од Американската амбасада во Скопје за две лица и по едно лице од ОБСЕ/ОДИХР и од Здружението „Млади европски федералисти“.
На дневен ред на седницата е и случаен избор на претседател на членови за посебните избирачки одбори, кои ќе го спроведат гласањето на избирачите кое се во домашен карантин поради позитивен тест на Ковид-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација од здравствените работници.
Даштевски соопшти дека треба да се разгледа предлогот на службата за тоа дали е потребно избирање на материјалот и предложи седницата да остане отворена се до нејзино завршување.