„Ова беше еден класичен партиски триумфализам на којшто сакаше да се покаже како всушност се формираше партија на сметка на државата. Тоа е политичка партија што е на власт континуирано повеќе од 20 години, партија од чиишто редови, барем во македонската јавност ниту едно лице нема одговарано за ниту една постапка“, изјави градоначалникот на Куманово, максим Димитриевски во одговор на прашањето на ЦИВИЛ Медиа, како ја оценува прославата на 20 годишнината од постоењето на ДУИ.
„Трошоците за прославата многу посоодветно ќе беше како партија да ги уплатија истите тие средства на Општина Куманово, како донација, за изградба на новото училиште „Сами Фрашери“, отколку само декларативно да се залагаат за изградба на оваа средно училиште кое има најголеми проблеми во делот на функционирање во нашата општина. Тоа е еден проект за кој разговараме со децении, а тие се на власт 20 години“, вели Димитриевски.
„Лично сметам дека треба да има развој на политички субјекти и демократија во општеството, но притоа мора политичките субјекти да сфатат дека тие всушност зависат од граѓаните, а не граѓаните директно од нив. Ова е можеби еден лош пример како не треба да се постапува во државата и како не треба да се одбележуваат вакви триумфализми, особено не политички“, додаде Димитриевски.
Градоначалникот на Куманово смета дека по „претставата“ во Слупчане што предизвика бурни реакции особено на етнички план кај Македонците.
„Сметам дека сите оние лица што дадоа поддршка и одбележување на ваквиот проект можеби во моментот не беа свесни дека всушност се работи за класичен трумфализам кадешто лидерот на партијата, свесно, јасно и гласно, посочи дека доколку тој не постои на политичката сцена Македонија нема да ја има. Јас со такво нешто нема да се сложам никогаш во животот. Македонија не може, ниту пак ќе дозволи да биде заложник, некогаш, во своето постоење, на поединици, туку таа е резултат на реалната желба на граѓаните кои всушност ја направија оваа држава да биде самостојна своја“, изјави Димитриевски.
Б. Јордановска
камера: Дехран Муратов












