Сите земји членки на ЕУ се свесни, особено соседите, дека сме пред многу едноставен избор – или ќе имаме заеднички успех или ќе имаме заеднички дебакл. Земјава прави дипломатски напори да се најде излез од ситуацијата. Се вложува во билатералниот однос со Софија и наскоро, во следните неколку денови и недели, ќе се види резултатот, истакна вицепремиерот Никола Димитров, одговорајќи на новинарски прашања околу разговорите со Бугарија и Меѓувладината конференција.
И додека Димитров вели дека земјава се подготвува за позитивното, успешно сценарио во однос на одржувањето на заедничката Меѓувладина конференција со Европската унија, како и дека се прават напори и се преземаат дипломатски активности во таа насока, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски повика на лидерска средба. Мицоски останува на ставот дека меѓу земјава и нашиот источен сосед е разговарано за нов договор кој, како што рече, ќе биде сличен на Преспанскиот и ќе опфаќа уставни измени.
Во моментов, оцени, одлуките во ЕУ се носат со консензус.
– Во овој момент зависиме од согласноста на сите до една земји членки за секој чекор напред во европскиот процес на нашиот европски пат. Ќе бидеме разумни, ќе бидеме мудри, ќе го промовираме и ќе го чуваме тоа што е наше и ќе работиме на почит и разбирање, меѓутоа легитимно е да очекуваме возвратна почит и разбирање. Ќе видиме што ќе биде, рече Димитров.
Вицепремиерот не смета дека работата на Мешовитата македонско-бугарска комисија е неуспешна, особено ако како референтна точка се земе фактот дека вакви комисии од други земји работат со децении.
-Мислам дека Македонско-бугарската комисија работи продуктивно и со полна пареа. Точно е дека нема многу време, се работи за неколку недели. Истовремено, наше е да објасниме за нашите позиции, да го објасниме влогот. Има голема амбиција во Берлин овој процес да успее. Канцеларката Меркел јавно во Европскиот парламент кажа дека еден од најголемите приоритети во смисла на надворешната политика на германското претседателство е да почне преговори со Северна Македонија и додаде доколку е тоа можно и се исполнат условите предвидени од март и за Тирана, за Албанија. Така што, мислам дека има целосно разбирање за нашите позиции што не значи дека ние треба да престанеме апсолутно со максимални напори да најдеме разбирачка и со Бугарија во рамките и за прашањата за кои е можна разбирачка. Тука сигурно не спаѓаат идентитетот и македонскиот јазик, објасни Димитров.
Тој уште еднаш повтори дека евентуалниот неуспех нема да е само македонски, туку ќе биде пораз и за европската слика за соседна Бугарија, но, пред се, и за Европа, за нејзините основни вредности.