Министерот за надворешни работи, Никола Димитров во вечерашното гостување во телевизија Телма изјави дека јазикот не е предмет на признавање од влади.
„Во Договорот за пријателсто и соработка е дефинирано „македонски јазик согласно уставoт“ исто како што е дефиниран „бугарски јазик согласно Уставот“. И тука сме еднакви. Сега ова барање излегува од рамката на Договорот. За идентитетските прашања не може да преговараме, особено по Преспанскиот договор по кој во личната карта на ООН стои македонски јазик. Јазикот не е предмет на признавање мегу држави. Не може да се негира тоа право и од тоа не може да отстапиме“, рече македонскиот министер за надворешни работи.
Според Димитров, како земја не можеме да се откажеме од две работи – идентитетот и меѓувладината конфереција за почеток на преговори со ЕУ.
„Меѓувладината конференција како цел е комплементарна. Незамисливо е процес на интеграција во ЕУ да отвара идентитетски предизвик. Во ЕУ има и други земји членки и Европска комисија која ги дефинира рамките на тие преговори кои не можат да излезат од рамките на принципите и европските вредности. Треба да најдеме начин како да градиме пријателство да дојдеме до разбирање дека не може да се допира светото како јазикот и идентитетот. Треба да најдеме начин како да градиме иднина, а не минатото да нè разделува“, истакна Димитров.