ЦИВИЛ МЕДИА разговараше со Теодора Димитровска, кандидатка за градоначалничка на општина Куманово од редовите на Движењето „Одлучно за промени“ ( ЛДП –ДОМ).
Кандидатката Димитровска пред јавноста стана видлива по нејзината видео објава на Фејсбук, со изјава дека не е примена на дебата на една од националните телевизии, на која учествувале сите други кандидати за градоначалник на општина Куманово, сите – мажи.
Димитровска во интервјуто за ЦИВИЛ МЕДИА посочи дека кога побарала образложение од телевизијата, односно од главниот и одговорен уредник, не добила никаков одговор, но и дека подоцна од телевизијата добила образложение дека не е поканета на дебатата, бидејќи немало технички можности, но и дека можеби нема да влијае на изборните резултати.
„Јас не знаев за таа дебата, претходниот ден, пред дебатата, другите кандидати ме прашуваа дали ќе присуствувам, но јас немав информации дека има некаква дебата. Така што, мојот тим се јави кај главниот одговорен уредник во телевизијата, но тој не се врати на повикот, па потоа се јавија кај другите уредници, кои одговорија дека немало технички можности, но и дека веројатно нема да влијаам на изборните резултати, така што решиле да не ме поканат“, вели Димитровска.
Димитровска е најмладата кандидатка на овие избори, и втора во историјата кога станува збор а општина Куманово. Таа во својата програма најавува посебен третман кон младите, зелена агенда во која ќе се работи на селските и руралните подрачја, како и ребрендирање на Куманово во чевларски град.
Теодора Димитровска е апсолвентка на Правниот факултет и само што ги започнала магистерските студии. Таа на жените им порачува дека не треба да бидат исплашени, да бидат обединети и гласно да го кажат своето мислење, повеќе да се ценат себеси, да не забораваат дека се квалитетни личности кои не треба да дозволат да се користат само како бројка.
Разговорот го водеше Дијана Тахири
Камера: Атанас Петровски
Монтажа и фотографија: Ариан Мехмети