„Изминативе денови сме сведоци на организиран ‘напад’ кон Националната агенција за европски образовни програми и мобилност од страна на интернет порталот ‘А1он’ и новинарот Кристијан Ландов, со презентирање на еднострани и непроверени факти, без запазување на стандардите на професионално новинарство и објективно информирање на граѓаните.
Во текстот со наслов ‘Скопска фризерница добила над 270.000 евра европски пари за едукација’ преовладуваат тенденциозни невистини, кои имаат за цел да креираат алузија за наводен криминал при доделување на грантови преку програмата ‘Еразмус+’. Интересен е моментот на објавување на ваквите текстови, не само преку овој портал, туку и преку други медиуми, а тоа е моментот на расчистување со криминалот во Националната агенција од страна на сегашното раководство, преку водење на соодветни дисциплински постапки за несовесно и незаконско работење на одредени вработени, како и со поднесување на пријави до надлежните институции во РСМ за гонење на криминал и антиконкурентско однесување“.
Димова тврди дека со овој „тенеденциозен“ текст е „предизвикана штета на повеќе ентитети:
На Националната агенција за европски образовни програми и мобилност; на програмата ‘Еразмус+’; на државата која учествува на рамноправно со сите други програмски држави; мене како на директорка на институцијата; на г-нот Зоран Златковски, кој уредно и регуларно ги доби проектите од НА, а сепак мора да поминува низ невидена тортура преку нанесена дефамација на неговиот углед; и конечно на Република Северна Македонија затоа што овој текст го извалка успехот постигнат во последните две години и отворено нотирани во последниот извештај за напредокот на државата на ЕК“.
Според Димова, Националната агенција не финансирала фризерница, туку го финансирала претријатието „Вредност на европско знаење“, чијшто скратен назив е „В.Е.З. Трејд“. Седиштето на оваа фирма било токму на адресата која ја посочува новинарот, каде „по некоја случајност во овој момент се извршува фризерска дејност, бидејќи лицето кое го користи тој локал ја извршува таа дејност. Но, фризерот кој ја извршува таа дејност ниту е Зоран Златковски, ниту тоа лице има каква било поврзаност со грантовите на ‘Еразмус+’ програмата. Новинарот ја побара оваа информација и таа му беше дадена, но сепак реши да објави нешто сосема друго“.
Димова вели дека проектите од „Еразмус+“ се финансираат според строги процедури пропишани од Брисел, а не од директорката или партијата или министерството или од кое било друго лице или тело. „За да се одобри определен проект, одлучуваат неколку нивоа: програмските службеници прават техничка проверка, потоа следува евалуација од надворешни соработници (ако проектот е над 60.000 евра, или ако се работи за КА2 акција проектот го оценуваат двајца надворешни соработници). Се прават ранг-листи според освоени бодови на проектите по акција и тие заедно со резимеата од проектите се разгледуваат од страна на Комисијата за евалуација во која членуваат претставници од пет институции. Годинава поради воведувањето на националните приоритети, и во обата повика, учествуваа и преставници од Министерството за образование и наука, како набљудувачи. И последното ниво на одлучување е директорката. Напоменувам дека ова дискрециско право никогаш не сум го искористила досега“.
Димова тврди дека проектите на „В.Е.З. Трејд“ добиени во 2020 година (во училишно образование, во стручно образование и во образованието за возрасни) се оценети од седуммина различни надворешни соработници, но не наведува што точно содржеле тие проекти.
Таа вели дека „свесно или несвесно“ медиумот се ставил „во функција на луѓето кои досега ги злоупотребуваа токму грантовите на програмата ‘Еразмус+’ и за кои луѓе се поведени соодветни постапки пред надлежните институции… За жал немаме друг избор освен тоа да ги докажеме невистините и клеветите пред надлежен суд“.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на прес-конференција бара од Јавното обвинителство да го разгледаат случајот со 270.000 евра доделени на фризерница.
„Лидија Димова да си даде оставка веднаш! Ваков директор не смее да ја води оваа институција. Секој поминат ден како директор во институцијата е ден повеќе да прикрива докази и сокрива документација истото како што се случуваше од Катица Јанева во СЈО“, порача Арсовски.
Редакцијата на „А1он“ најостро реагира на хајката која во последниве три дена ја спроведува директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, а по објавеното истражување кое фрла сенка за начинот на доделување на проекти преку програмата „Еразмус+“ програмата и додаваат дека ќе продолжат со истражувањето.
Д.М.












