пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Граѓаните на Република Северна Македонија влегоа во кризата предизвикана од прогласената пандемија на Ковид-19 во услови на тукушто зачнатата “постгруевистичка“ демократија, се’ уште потполно партизирани институции, се уште корумпирано судство и Уставен суд, маргинализирани и/или корумпирани заштитни механизми, и се’ уште во голема мера заробени медиуми.
За ситуацијата да биде уште полоша Собранието на државата стана заложник на незнаењето и неправото, а актуелната Влада беше технички монструм создаден без правна основа, а со цел акомодирање на големите политички партии.
Воспоставувањето на вонредната состојба од страна на оваа и ваква Влада и преземањето на законодавната власт од истата ја уништи секоја шанса за контрола над управувањето со државата, за критика и за воспоставување на правните процедури за справување со исклучително тешката ситуација.
Во услови на реален, но и секојдневно подгреван страв од страна на власта, граѓаните со неверојатна леснотија се откажаа од она малку демократија во државата, од било кој облик на контрола над Владата и од поставувањето прашања за логиката, целисходноста, сразмерноста и соодветноста на мерките кои ги наметна Владата.
Има кој да мисли, наше е само да слушаме, во криза треба еден да одлучува другите да почитуваат, не се потребни објаснувања, ние сме стока и вака треба со нас, се само дел од ставовите кои се наметнаа во изминатиот период.
Секој обид да се побара рационално образложение на одредени одлуки, е сосечено во корен и осудено како опасно и спротивно на “јавниот“ интерес. Дури и во ситуација на очигледна апсурдност на одредени одлуки мнозинството граѓани не посегна по демократските алатки.
Резултатот е двострано опасен.
Од една страна процвета прекршувањето на индивидуалните човекови права (до ниво на отворена дискриминација и тортура), ксенофобијата, нехуманоста, говорот на омраза, линчот.
Од друга страна, постепено нарасна потребата од скришно па и отворено прекршување на забраните, изигрување на процедурите (оние навистина потребните), порасна потребата да се застане во одбрана дури и на оние вистински прекршители на законите (како прв показател за недовербата во институциите).
Навидум, патријархално авторитарниот модел изгледа како најсоодветно решение во ситуација на криза. Меѓутоа, искуството веќе покажало дека е исклучително нефункционален, со краток здив и неефикасен. А последиците се големи и долготрајни.
Сите права се задржани. Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста.