На вчерашната, прва, седница Државната комисија за спречување на корупција најваи дека ќе ја мониторира изборната кампања за претседателските избори и за градочалниците на Ново Село, Охрид и Дебар. Тие предупредија дека од денот на распишување на изборите до нивно завршување јавните и државните претпријатија не смеат да вработуваат.
Исто предупредување важи и за поведување постапки за градба на нови објекти со буџетски средства од државниот капитал, ниту пак да се одржуваат јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти што би ги користеле овие средства.
За време на изборната кампања, предупреди ДКСК, забрането е користење на канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи, освен лицата на кои се однесуваат посебните прописи за заштита на личноста.
Што се однесува, пак, на вработувања на блиски лица на функционери од СДСМ и ДУИ во ЕЛЕМ и МЕПСО, претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, изјави дека нема пријави до нив, но Комисијата нема законска пречка сама да оформи предмет. Со кои конкретни случаи на корупција ќе започне да истражува ДКСК, ќе се знае на втората седница.
Според изјавата на Ивановска, прекршен е член 56 од новиот Закон за спречување на корупција во кој се вели дека избрано именувано лице, или одговорно лице во јавно претпријатие или друго правно лице е должно да ја извести Државната комисија за секој избор, именување или вработување на член на неговот семејство во државен орган, орган на локална самоуправа, јавно претпријатие или друго правно лице во рок од 10 дена од рокот на извршениот избор, именување или вработување.
Б. Ј.