До крајот на годината веб-страниците на 16-те владини министерства ќе бидат унифицирани со ист дизајн и платформа, додека содржините ќе бидат специфични и различни за секое министерство, изјави за „Слободен печат“, Јетон Шаќири – министер за информатичко општество и администрација.
Тој информира дека Владата веќе го потпишала договорот за примена на овој проект.
-Потпишан е договор за изработка на унифицирани веб-страници за Владата и 16-те министерства. Со тоа, граѓаните ќе добијат подобрено и поедноставно искуство при интеракцијата со министерствата и многу полесно ќе се дојде до саканата информација. Самите веб-страници ќе бидат динамични и интегрирани со други системи од коишто ќе се повлечат автоматски податоци, како што е БЈН, АВРМ, СРМ итн., со што ќе се подобри функционирањето на меѓу институционалната дигитална интероперабилност – информира Шаќири.
Многу важен фактор, додава тој, е фактот што овие веб страни ќе споделат заедничка платформа, додека содржините ќе бидат специфични и различни за секое министерство.
-Голема важност обрнуваме на безбедносните аспекти, со што содржините ќе бидат побезбедни од што биле до сега. На есен ќе се пуштат во употреба првите веб страни, a до крајот на годината би требало целиот процес и да заврши – изјави за „Слободен печат“ Јетон Шаќири, министер за информатичко општество и администрација.
Од друга страна во годишните извештаи на Министерството за информатичко општество и администрација се наведува дека треба да се реорганизираат сите министерства, агенции, инспекциски служби, и други владини институции. Од ова министерство велат дека сите извештаи што ги направиле минатата и оваа година ќе бидат презентирани пред Советот за реформа на јавната администрација следната недела. Советот ќе треба да достави конечен нацрт-предлог до Владата за реорганизација на институциите.
„139 институции се во процес на реорганизација и оптимизација, а по завршувањето на овој проект оваа бројка се очекува значително да се намали. Самиот процес на реорганизација значи рационализација на вработените “, велат од МИОА.
Проектот за реорганизација на институциите започна за време на мандатот на Дамјан Манчевски како министер, но тој замина да работи во приватниот сектор. Проектот го наследи сегашниот министер Јетон Шаќири. Манчевски претходно најави систематски реформи во администрацијата, како што се намалување на технолошки вишок и спојување на повеќе државни органи.