„Денеска и на македонското небо можевме да видиме дека е точна тезата „Ние сме НАТО“, Република Северна Македонија стана 30 членка на НАТО после 30 годишни напори“, изјави министерката за одбрана по повод прелетот на американските воени авиони над Скопје за одбележување на членството на Република Северна Македонија во Алијансата.
„На дело и на секој тест покажуваме дека нашето членство го заслуживме, со реформи, со соодветни одлуки, меѓутоа и со многу неуморна работа на бројни припадници на Армијата и на други институции во државата“, изјави Шекеринска која го проследи прелетот на авионите во присуство на американската амбасадорка Кејт Мари Брнз.
„Со право во изминатите неколку недели нашиот најголем фокус беше на заедничката борба против Ковид 19, но не треба да дозволиме тоа да ги замагли историските достигнувања на земјата – влезот во НАТО и добивањето на зелено светло за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ“, истакна Брнз.
Полковник Валентин Ивановски, раководител на сектор за воено-воздухопловен авторитет објасни дека летот е комплетно организиран од Командата на силите за Европа и воден преку воздухопловните оперативни центри каде е вклучен и нашиот нов воздухопловен оперативен центар и каде што сите летови и координација се извршени преку системот за контрола на воздушниот систем. Воздухопловите полетаа од јужната кота, после долг лет влегоа на бугарската граница каде што беа пресретнати од четири воздухоплови од типот Ф 16 на Грчкото воздухопловство и заедно во формација преку Штип, Велес, аеродромот Петровец прелетаа преку градот Скопје.