Продолжуваат дневно-политичките препукувања на секоја тема и на сите нивоа. Па така, техничкиот министер за внатрешни работи денеска на прес-конференција нѐ „извести“ за текот на истрагата за скандалот со групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм.
Добро, прес-конференцијата, всушност, имаше очигледна цел, тоа да биде уште една партиска жалопојка, за што заслужено го обвини и неговата заменичка Петровска.
Како и да е, јавноста, сепак, дозна дека Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика ги идентификува сопственикот на групата Д.К. од Скопје и администраторот Д.К., исто така од Скопје.
Здрав банкарски систем и соодветна монетарна политика е заклучокот од Извештајот за Република Северна Македонија за 2019 година кој денеска го објави Меѓународниот монетарен фонд. И покрај сите опструкции од страна на ВМРО-ДПМНЕ во носењето на законите, како што беше и последниот случај со носењето за Законот за минималната плата, нештата сепак се движат, а тоа го покажува и извештајот на ММФ.
Позитивен извештај и од Парламентарното собрание на советот на Европа, каде Македонија се издвојува од другите земји од поранешна Југославија поради намалениот притисок и гонење на новинарите.
Маја Ивановска