Пишува: АЛЕКСАНДАР Н. ПИСАРЕВ
(ЛИНК ДО ПРВИОТ ДЕЛ | ЛИНК ДО ВТОРИОТ ДЕЛ)
ПАНДЕМИЈА НА ДЕЗИНФОРМАЦИИ
Иако завршницата на изборите во САД уште долго ќе биде под опсервација на аналитичарите, едно е јасно. Опсадата на Капитол е последица од рапидно зголемено и неконтролирано ширење на дезинформации и лажни вести. Главните лиферанти на дезинформациите беа Трамп и луѓето непосредно околу него. Избран е моментот на рекордно ниска доверба на Американците во сопствените политички институции.
Поради ваквата недоверба во институциите, републиканските бирачи беа повеќе склони да му веруваат на Трамп и кујната која лиферува лажни вести за изборна измама, отколку да проверуваат во веродостојноста на понудените професионално подготвени вести, за што дополнителен аргумент се и одбиените жалби за изборна измама од страна на судските власти. Гледајќи од нивниот агол, физичката окупација на Капитол од страна на демонстрантите е „револуционерно“ преземање на власта во рацете на „народот“. Тоа беше всушност и ветувањето на Трамп во неговиот говор за време на инаугурацијата, кога на присутните им порача дека со стапување на должност претседател на САД овој пат не се врши трансфер на власт од една на друга администрација ниту од една на друга партија, туку се пренесува директно на народот.
Ни најзагрижените противници на Трамп во тие моменти не претпоставуваа дека е тоа иницијална каписла која ќе се активира четири години подоцна во обидот буквално и насилно да се преземе власта од страна „на народот“ без оглед на изборните резултати. Тој „народ“ се, всушност, слепите приврзаници на Трамп на кои главниот извор на информациите им се социјалните мрежи и интернет портали кои со недели зборуваа за украдени избори. Многумина од нив, кои влегуваа во Конгрес не беа ни свесни за сериозноста на ситуацијата, па правеа селфи и ги делеа на социјалните мрежи. За нив тоа беше некој вид забава поради која, во наредниот период, ќе се соочат со сериозни последици.
Новата администрација на Бајден, покрај другите, ја доби и таа задача, не само да ги детектира сите последици од владеењето на Трамп, туку и причините поради кои Америка во овој момент е поделена повеќе отколку било кога порано, а помирување не е на виделина бидејќи Трамп најавува засилување на неговото движење, тврдејќи дека за тоа има силен ветер во грбот. Бајден ќе треба да детектира и од која географска широчина и должина доаѓа тој ветер и дали е источен, блискоисточен или од далекиот исток.
Тоа е голем предизвик со кој се соочува Бајден – земјата да се врати на правиот пат, да биде почитувана од милијарди луѓе кои сè уште се надеваат на демократија и кои во САД гледаат нивен светилник.
ГРУЕВИЗАМ И ТРАМПИЗАМ
Бранот на ширење на популизмот на десницата и култот на личноста почнува загрижувачки да се шири загрозувајќи ги демократиите низ светот. Тоа е посебна тема со која се бават истражувачите. Но има многу сличности во владеењето на бившиот премиер на нашата земја, Никола Груевски и четиригодишното владеење на Доналд Трамп. Тие совпаѓања отвораат прашања за идеолошкото позиционирање на актуелните и моќни политички партии, во светски рамки, без оглед на тоа колку е мала или голема земјата од каде што доаѓаат. Дали, доколку освојат власт, овие партии ќе ги водат своите држави во правец на популизмот, екстремни десничарски политики и култ на личноста или ќе имплементираат демократија.
Во што се совпаѓаат агресивниот напад на Капитол на 6 јануари оваа година и нападот на Македонскиот парламент на 27 април 2017 година? Околу 300 лица од здружението „За заедничка Македонија“ го демолираа парламентот, повредија десетици пратеници со цел да го спречат изборот на новиот претседател на Собранието. Во нападот на американскиот Капитол имаше пет жртви.
Агресивност, иконографија, организација на настанот, ширење на лажни вести и повикување на народот да ја превземе судбината во свои раце , буквално се пресликани во двата настана.
За среќа, во Америка Трамп владееш само четири го дини, во Македонија десетте години на Груевизмот се најлошата деценија во Македонија во последниве стотина години (ако ги исклучиме двете светски војни, се разбира). Застрашувачки е степенот до кој се уништени институциите, опљачкани граѓаните и промовирана политика на ширење на лажни вести. Суштината на груевизмот се мракот и лагата, груевизмот низ фигурата на „преродбеникот“ ни покажа дека со симбиозата на стариот и младиот болшевик, од една страна, како и со спојот меѓу тајкунот и политичкиот моќник, од друга страна, како во мермер да се отелотворува средишната фигура на нашата вечна транзиција – „преродбеникот“, суштество со особини на монструм и свест на спасител.
АНАЛОГИЈА НА НАСТАНИТЕ
Трамп бараа да се запре „кражба на гласовите“.
Груевски ги тера своите приврзаници да протестираат пред Државна изборна комисија бидејќи им се „украдени гласовите“.
Десницата во САД и дел од републиканците во Трамп гледаат спасител на САД.
Приврзаниците на ВМРО во Груевски гледаат пастир и спасител на државата.
Трамп своите политички противници ги нарекува предавници.
Груевски своите политички противници ги нарекува предавници.
Трамп се повикува на народот на кој ќе му ја предаде власта
Груевски се повикува на народот кој треба да ја преземе судбината во свои раце.
Трамп се заканува дека неговото движење ќе продолжи и после нападот на Капитол.
Груевски на средбата со амбасадорите на ЕУ и САД на 16 декември 2016 година изјави дека не може да предвиди што ќе се случи.
Приврзаници на Трамп носат иконографија на крајна десница со фашизоидни пораки.
Приврзаници на Груевски се во црни маици со исти пораки.
Трамп пред Капитол најавува дека ќе продолжи во своите намери и после изборите, бидејќи „Бајден ќе ја води Америка во пропаст“.
Груевски во прогласот на ВМРО-ДПМНЕ на 17 декември 2016 вели дека нема да дозволи „аболицираниот криминалец“ Зоран Заев да формира влада со фалсификување на волјата на граѓаните.
Трамп на инаугурацијата во 2016 година изјави дека „ова не е трансфер на власта од една администрација на друга и од една партија на друга, власта ќе биде во рацете на народот“.
Груевски на 19 март 2016, во интервју на Канал 5 изјави: „Што народот ќе прави тоа никој не може да предвиди, народот е над политичарите и нему му припаѓа власта“.
Трамп внесе длабока поделба меѓу американските граѓани.
Груевски ги подели граѓаните на патриоти и предавници.
(КРАЈ)
(ЛИНК ДО ПРВИОТ ДЕЛ | ЛИНК ДО ВТОРИОТ ДЕЛ)
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.