По повод 24. Мај, Денот на сесловенските просветители, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев упати честитка до граѓаните.
„Целта на мисиите, покрај христијанизација, описменување и просветлување, била и остварување на теолошка апологија на старословенскиот јазик и неговото користење во божјите служби кои дотогаш во Европа се вршеле само на три јазика – на латински, грчки и германски. Темелот на тој културолошки процес бил создавањето на првата азбука – глаголицата, од која подоцна од неговите следбеници, пред сѐ, Свети Климент Охридски, ќе се создаде кирилицата како основа за стандардизација на македонскиот јазик и писмо. Намерата на нивната мисија е Библијата да биде достапна за сите Словени. Нивната мисија тогаш имала наднационална, цивилизаторска и обединувачка улога“, потенцираше Заев.
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, упати честитка по повод одбележувањето на 24 Мај – Денот на словенските просветители св. Кирил и Методиј.
„Честитајќи го големиот празник би сакал да потсетам дека делата и поуките што ни ги оставија светите браќа нè обврзуваат да се стремиме кон еднаквост и рамноправност, и да градиме општество со еднакви можности за сите без разлика на род, вера, етникум или која било друга припадност. Општество во кое образованието и културата се од суштинско значење и право на секој наш граѓанин. Нека ни е честит 24 Мај, Денот на словенските просветители Св. Кирил и Методиј“, истакнува претседателот Пендаровски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во свое и во име на партијата упати порака по повод одбележување на св. Кирил и Методиј.
„Светите браќа овозможија рамноправност на милиони луѓе, а со тоа го трасираа и патот за ширење на христијанството и христијанските вредности. Ликот и делот на Свети Кирил и Методиј е и дел од македонскиот идентитет, јазик, историја и култура. Светите Кирил и Методиј имаа визија, знаење и постојаност. Ние денес се соочуваме со тешко секојдневие, предизвици и не помали искушенија. Но сепак ова е реалност која мораме да ја промениме, а тоа ќе биде со визија, знаење и мудрост. Македонија е земја со свои корени, историја, но и земја на која мораме да ја обезбедиме заедничката иднина на сите“, вели Мицкоски.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска го честиташе празникот „Св.Кирил и Методиј“ нагласувајќи дека светите браќа оставиле зад себе капитално дело со нивното описменување на народите.
„Како претседател на Собранието, горд сум што во законодавниот дом имаме голема почит кон различните култури и религии, уверени дека тие се само дополнителна вредност во ова општество. Да продолжиме заедно на овој пат, негувајќи го ова богатството“, истакна Џафери.
Д.М.