Телевизијата Ал Џезира тврди дека саудиски борбени авиони нападнале пазар во јеменскиот град Таиз, убивајќи најмалку 20 лица, а оставајќи неколку десетици повредени.
Според катарската телевизија, цел на нападот бил пазар во дел од градот кој го држат шиитските Хути герилски сили, кои со помош на Иран се борат за превласт над Јемен против сунитската Влада која е помогната од Саудиска Арабија.
Според Ал Џезира, меѓу убиените имало најмалку 10 герилци, додека другите жртви се цивили. Очевидци на настанот опишуваат застрашувачки сцени и повредени деца по воздушниот напад, а фотографии за кои се тврди дека се од Таиз беа објавени и на социјалните мрежи.
Нападот се случил во време кога јеменската влада се обидува да освои село во близина на Таиз, при што користела поддршка од саудиското воено воздухопловство.
Саудиската армија не потврди дали го извршила воздушниот напад врз Таиз.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.