Поминаа три дена и се уште нема барање од политичките партии и моноетничката влада до меѓународната заедница за меѓународно мониторира ветинг. Стравот од целосен ветинг не се покрива со небулозни соопштенија, велат од ДУИ како реакција на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, во кое истакнаа дека СДС(М) и ДУИ пред да зборуваат за меѓународен ветинг, треба да имаат домашна одговорност за сторениот криминал.
„Али Ахмети денес повикува на меѓународен ветинг затоа што мисли дека така ќе се заштити себе и останатите кои недвосмислено влегуваа во милионски бизниси со 0 денари влог. Каде беа СДС и ДУИ 7 години да побараат меѓународен ветинг или тогаш милионските тендерите во РЕК, МЕПСО и ЕСМ беа приоритет? Каде беа СДС и ДУИ да зборуваат за ветинг кога милионски суми се трошеа на набавки на рент а кар возила за два дена? Каде беа СДС и ДУИ кога фирмите блиски до нив го зголемуваа имотот со фотоволтаични централи? Зошто Ахмети и Филипче не побараа меѓународен ветинг за фирмата за надзор на патиштата и модуларните болници?“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ДУИ додаваат дека јасно е дека секое доцнење во овој процес само ќе ги засили сомнежите на граѓаните за вистинската посветеност кон борбата против корупцијата.
„Бараме веднаш да започне меѓународно мониториран ветинг за секој политичар во последните триесет години. Овој процес треба да биде транспарентен и независен, со вклучување на меѓународен надзор за да се обезбеди правда и доверливост. Секое доцнење и одбивање само покажува дека гласноста за борбата против корупцијата е обид за прикривање на сопствената корупција“, велат од ДУИ.
Д.М.