Си одат луѓево наши.


4:10 часот наутро. Не можам да спијам. Душава ме стега. Застанувам и гледам низ прозорецот на мојот дом. Гледам во празниот град. Тишина е. Времето надвор е во црвена боја. Чудно за ова доба од ноќта, за ова доба од годината, ваква да му е бојата на времето. Никогаш не била ваква претходно, барем јас до сега не сум видел, пред зазорување црвена да му е бојата на времето.
Вечерта стигна веста дека по кратко боледување во Кентербери, Англија, Велика Британија почина македонскиот драмски автор Горан Стефановски.
Како бомба одекна во јавноста оваа, пред се’, многу тажна вест.
Напишав: „Дупло дно е подрум во главата … Да ти се по***ам во месецот единаесетти“
Во само три дена се случуваат три огромни загуби за уметноста.
Бертолучи, Грозданов и сега Горан. Чувствувам дека нешто треба да напишам. Како обврска да ми е, а не ми е. Не можам да пишувам ништо. Немам сила. Сега, во овие моменти навистина немам сила. Можеби подоцна, можеби пред целосно да зазори?
А што да напишам? Колку ми е жал? Напишано е тоа колку на сите ни е жал, па дури и без да го напишеме, и без никој да го види. Го нема, а толку многу го има.
Тажен е овој единаесетти месец во оваа 2018. И во претходните бил тажен. Секогаш е тажен. Секогаш удирал најболно.
Кога доаѓаат ваквите тешки моменти, односно ваквите големи загуби за човештвото, си го поставувам на глас прашањето: зошто си го губиме времето на глупости додека сме тука во овоземското постоење? Се расправаме за тешки глупости едни со други, ко да сме отуѓени, ко да сме смртни непријатели, а само една ваква – голема загуба заедничка за сите веднаш не’ спојува. Сите до еден. Што ли се случи со нас?
Мојот пријател Ѓеорги Георгиев и соученик од факултетските денови напиша:
„Ако Чехов ја познаваше руската душа во сржта, тогаш македонското (диво) месо не можеше да го заборави Горан Стефановски“.
Така е, се согласив со него. Горан најдобро ја знаеше душата на Македонецот, како да имаше некаков свој приватен чип вграден во секој од нас, преку кој ја декодираше секоја тукашна душа и потоа маестрално ја пренесуваше во сите негови пиеси.
По социјалниве мрежи најмногу се вртеше онаа негова позната фраза од Тетовирани души: „Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност“.
Мене една од посилните негови реплики ми е во Дупло дно: „Овде и лудилото ќе ти го полудат“.
Билјана Секуловска сподели пост во кој пишуваше: „Горан е нашиот идентитет“.
За мене тоа беше највистинскиот пост поврзан со Горан.
Не заради сите пиеси кои ги напиша и во кои ја декодираше македонската душа, туку заради БУШАВА АЗБУКА. Горан ја напиша БУШАВА АЗБУКА. Повторувам: ГОРАН ЈА НАПИША БУШАВА АЗБУКА. Веројатно тоа е најкапиталното дело било кога напишано на овие простори поврзано за азбуката, идентитетот и суштината на еден народ. И тоа, ни помалку ни повеќе нашиот, македонскиот народ.
* * *
Одблизу го запознав во 1998 година. Прилично доцна. Се подготвував за приемниот испит по актерска игра за тука во Скопје. Кажував монологот од Стево Андреевиќ од пиесата „Диво месо“. Потоа истиот го кажував и на НАТФИЗ.
Жал ми е, многу ми е жал што никогаш не сработив претстава по негов текст, додека тој уште беше тука меѓу нас. А постојано се подготвував за нешто такво. Сакав да сум добро подготвен пред да почнам да го поставувам на сцена. Еден период, некаде меѓу 2006 – 2010 во ранецот покрај основните тетратки / тефтери во кои пишувам и книгите кои ми требаа за нешто конкретно – некаква работа, задолжително, онака да ми е тука, постојано до мене, секаде со себе ја носев и „Избрани драми“ од Горан Стефановски. Буквално секаде. Ја читав каде ќе стигнев. Онака без никакви обврски. Едноставно читав. Горан секогаш знаел, знаеше и ќе знае како во мене, а верувам и не само во мене, да разбуди една заспана клетка, онака убаво да ја раздрма, клетка која и тоа како ме мотивираше да создавам театар. Горан го читав и среде процесите во кои режирав текстови на други автори. На тој начин се мотивирав. Горан ми беше мотивација, уште ми е и секогаш ќе ми остане.
Денес, а и деновиве кои следуваат сите ќе сме многу тажни заради оваа огромна загуба за нашата држава, нашата цивилизација за нашата душа, за нашиот идентитет. Замина човекот кој најдобро не’ познаваше сите до еден без при тоа лично да не’ познава.
Со болка во душата и огромна тага изразувам најискрено сочувство до семејството и целата фамилија Стефановски.
Поздрав Горане,
се гледаме од другата страна!












