Изборната кампања за предвремени локални избори во Општина Пласница започна од вчера и ќе трае до 10 декември. Во изборната трка ќе учествуваат двајца кандидати за градоначалник на Пласница, а тоа се Алија Јахоски од ДУИ и Рамазан Шерифовски, од Движењето за национално единство на Турците.
За овие избори во општина Пласница право на глас имаат 4.954 граѓанин од четири села, кои може да гласаат на 9 избирачки места.
Kандидатите најавија дека кампањите ќе ги водат со минимален контакт со граѓаните во интерес на јавното здравје и заштита од Ковид-19.
Кандидатот за градоначалник Алија Јахоски е брат на поранешниот долгогодишен градоначалник и актуелен пратеник Исмаил Јаховски од редовите на ДИУ. Инаку Исмаил и Алија Јахоски своевремено биле дел од нафтената компанија „Пуцко Петрол“, чиј моментален сопственикот е синот на пратеникот Јахоски – Асмир Јахоски.
Позитивните на Ковид-19 и оние кои имале контакт со нив ќе гласаат на 11 декември, болните и изнемоштени и осудените лица на 12 декември. На 13 декември е првиот изборен круг за сите останати граѓани. Гласачките места ќе се отворат во 7, а ќе се затворат во 19 часот.
Откако долгогодишниот градоначалник на Пласница, Исмаил Јахоски, беше избран за пратеник на последните парламентарни избори, и беше разрешен на 4 август, со одлука на Советот на општината, на местото в.д. градоначалник поставен е Елсан Нурчески, кој оваа функција ќе ја обавува до изборот на новиот градоначалник на предвремените избори на 13 декември.
Општина Пласница се наоѓа во средишниот дел на Западна Македонија и се протега на северните и североисточните падини на Бушева Планина и планината Сач. Општината се граничи на североисток со општина Македонски Брод, на југоисток со општината Крушево и селото Сопотница и на запад со општина Вранештица. Во состав на општината се 4 населени места кои се сместени во горниот тек на реката Треска: Пласница, Преглово, Лисичани и Дворци.
Засега нема најави дека изборите ќе се одложат. Од Државната изборна комисија велат дека во Законот за кризна состојба не пишува ништо околу можно одложување или запирање на изборниот процес.
Д.М.